Руската Федерација преку својата амбасада во Скопје реагира на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи за Радио Слободна Европа дека Русија е заинтересирана за конфликт меѓу Македонија и Бугарија.
„Обрнавме внимание на изјавата на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во интервју за Радио Слободна Европа на 29.01 дека ‘третиот фактор’ заинтересиран за конфликти во регионот на Западен Балкан, вклучително и меѓу Северна Македонија и Бугарија, е Руската Федерација. Убедени сме дека нема основа за такви тврдења, а камоли докази, како што беше случај повеќе пати. Напротив, придонесот на нашата земја во решавањето на конфликтите на Балканот во изминатите многу децении, вклучувајќи во БиХ и во српската Автономна Покраина Косово и Метохија, не може да се прецени. Секогаш постапуваме во согласност со меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Заинтересирани сме за просперитет и мирен соживот на сите земји од регионот без исклучок, со чии народи имаме вековни пријателски врски. Апсолутно никаков темел немаат ниту обвинувањата што се шират во низа медиуми за наводно ‘мешање’ на Русија во внатрешните работи на Северна Македонија и нејзините односи со другите земји, а тоа им е добро познато на сите непристрасни набљудувачи и експерти. Ги повикуваме медиумите во Северна Македонија на одговорен и професионален пристап при објавување материјали за Русија и принципите на нејзината надворешна политика кои отворено ги декларираме – интеракција заснована на рамноправност, меѓусебно почитување и земање предвид на меѓусебните интереси“, соопшти Амбасадата на Русија во Македонија.