Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа вели дека не може да најде аргументи како на своите деца да им објасни зошто се одржува Парадата на гордоста денеска во Скопје. Според него, традиционалното семејство е нешто свето.

„Начинот на живот е многу индивидуален и секој има право да живее како што сака. Тоа е демократија. Но, семејните вредности се над сѐ. Тие се основа за градење на здрава иднина. Како родител јас не можам да најдам аргументи да им објаснам на моите три деца каква гордост се промовира на парадата што се најавува. Ја почитувам слободата, како што ги почитувам и различните мислења за одредени теми, но за мене како јавна личност и како политички претставник на Движењето БЕСА во Владата сметам дека институцијата семејство и моралните и традиционалните вредности за она што претставува семејство се нешто свето“, напиша Хоџа на својот профил на Фејсбук.

Денеска во Скопје се одржа втората Парада на гордоста, која ја поддржаа стотици граѓани, но и политичари, пратеници, министри, како и претседателот Стево Пендаровски.