Нема нови ограничувања по зголемениот број граѓани што пристигнуваат за Нова година

Од вчера до денес напладне влегле над 34.000 возила на граничните премини во земјава, од кои 15.000 биле странски регистерски таблички.

„На граничните премини се уште е на сила мерката со која при влез во земјава е потребен сертификат за вакцинација, или ПЦР тест не постар од 72 часа, или антиген тест не постар од 48 часа. Во спротивно секој патник оди во задолжителен карантин од 10 дена“, велат од Владата.

„МВР постојано ја следи состојбата на сите гранични премини при што согласно здравствените протоколи за заштита од КОВИД 19 ги спроведува бараните контроли за влез во земјава – велат од Министерството.

Ваквата зголемена фреквенција на патници според дел од епидемиолозите може да претставува ризик поради ширење на вирусот, особено на новиот омикрон сој.

И покрај препораките на дел од нив да се воведат некакви рестрикции особено за патниците кои доаѓаат од ризични земји, од Владата за ТВ 24 велат дека засега остануваат истите мерки.

Вчера беше регистриран првиот случај на „омикрон“во земјава и тоа кај лице кое допатувалоод Обединетото кралство.