Британската влада во 2006 година назначи „министер за фитнес“ за да се справи со прекумерната тежина, како една од главните причини за болестите за чие третирање низ здравствениот систем се трошат милијарди фунти. Македонија тоа го реши многу поелегантно – го „укина“ лебот како главен продукт во исхраната, а со тоа и еден од најголемите причинители за дебелината и за заболувањата што произлегуваат од неа.

Откако го снема лебот на полиците во продавниците, македонските граѓани конечно разбраа што значела предизборната парола „Живот во Македонија за сите“ на СДСМ од времето на несудениот нобеловец од Муртино. Нема леб и веднаш се почувствуваа некако поживо, поздраво, попрозападно, понапредно. Па, одвај чекаат избори за да ѝ се заблагодарат на власта за неподносливата леснотија на живеењето без леб…

За нив, сепак, ќе мораат малку да попричекаат тендерократската коалиција со „ДУИнг бизнис“ да ги донатовари камилите, а дотогаш можат да јадат – колачи. Како што ќе им порача француската кралица Марија Антоанета на своите поданици кон крајот на 18. век, несвесно инспирирајќи ја сегашнава влада на Ковачевски со својата прочуена изрека „ако народот нема леб, нека јаде колачи“.

Арно ама, Таче, Али, Артан и тајфата имаат поинаква агенда. Примерот со Марија Антоанета, очигледно, некако не им се допаѓа, веројатно поради тоа што сопругата на Луј 16. завршила на гилотина девет месеци по мажот ѝ.

Затоа, нашиве „јунаци“ решиле да нурнат малку подлабоко во историјата, дури до – Римјаните. Давајќи му на народот леб и игри, римските владетели му го одвлекувале вниманието од важните општествени, економски и политички прашања.

Некадарнициве на власт во жална Македонија, меѓутоа, „малку“ ја модификуваа и финтата на римските императори, па недостигот на леб обилно го надоместуваат со – игри. Си играат со народот пресипување од шупливо во празно, каква што е рокадата во Владата заради зајакнување на парламентарното мнозинство, а тоа доби „дури“ еден пратеник повеќе. Или менувањето на електронските адреси на училиштата за да ги зафркнат анонимните дојавувачи за бомби?!

Што нема да им текне. Не дај Боже само да се сетат на анегдотата со стопанот што купил магаре и по две недели се пожалил дека тамам го научил да не јаде и – магарето умрело…

Едни „шарени“ несреќи и соучесници во (не)животов што дојде во Македонија на сето ова би извикале „нема леб, нема мир“. А култната македонска рок-група „Леб и сол“, како во еден духовит коментар на социјалните мрежи, наместо во 1976 година да се формираше денес ќе мораше да се вика само – „Сол“.