„Јас сум иницијаторка за тоа што се случи. Ова не е вандалски чин. Ја покажавме нашата длабока огорченост и незадоволство од случувањата на бугарско-македонската граница. Нашата држава беше понижена од РСМ“, изјавила за телевизијата Људмила Костадинова, една од сторителите на вандалскиот чин врз македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.

Двајца комуналци и нивните сопруги ќе бидат казнети за нападот врз македонскиот клуб, изјави градоначалникот на Благоевград, но со исти казни и тогаш кога ќе бидат казнети цариниците во Македонија, кои, според него, „предизвикале ментално и физичко насилство врз многу Бугари“.

За двајцата општински службеници и нивните сопруги не е поднесена пријава, а тие се пуштени од притвор, јавува бугарската ТВ Нова.

Костадинова била кандидатка за градоначалничка на Благоевград на последните два циклуси локални избори.

Двајцата мажи пак, вработени во јавното претпријатие „Озеленување“ во општината Благоевград.

„Требаше да се покаже дека сè уште има будни Бугари кои се заинтересирани за нашата земја“, порача Николај Иванов, еден од сторителите.