Нема да има евтина тарифа – сметките за струја на рати!?

Сметките на граѓаните за струја за март, април и мај најверојатно ќе се плаќаат на рати, потврди првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, за Фактор.

Целта е да се помогне на граѓаните да го пребродат тешкиот период на кризата која е предизвиката поради коронавирусот.

Можноста за плаќање на сметките на рати доаѓа по иницијативите на граѓаните кои бараат додека трае вонтредната состојба струјата да се наплаќа според поевтината тарифа во текот на целиот ден, наместо по два часа дневно.

Но, воведување на евтина тарифа во текот на целото деноноќие е невозможно да се воведе, објаснува Бислимовски за Фактор.

Според него, анализа што ја направиле регулаторите која покажала дека доколку се воведе евтина тарифа, месечната сметка за струја кај едно домаќинство би се намалила за 400 денари.

За сметка на тоа, пак, трошокот на целиот енергетски систем од воведување евтина тарифа преку цел ден е околу 5,5 милиони евра.