Лидерите на ЕУ и Украина имаат намера да потврдат дека „иднината на Украина и нејзините граѓани е во Европската унија“ и „нивната посветеност да ја поддржат понатамошната европска интеграција на Украина“ на состанокот што ќе се одржи на 3 февруари, дознава „Еуроактив“
Покрај тоа, на состанокот ќе се разговара за бесцарински пристап за украинскиот извоз, пристап до зона без роаминг и вклучување во единствена платежна област во евра.
Но, и покрај одлуката да му се даде кандидатски статус на Киев минатиот јуни, изгледите за пристапување на Украина во блиска иднина остануваат малку веројатни, објави Еурактив, цитирајќи анонимен дипломат на ЕУ.
Амбициозниот украински премиер даде рок : За две години во ЕУ
Неколку дипломати на ЕУ велат дека јазикот во нацрт-декларацијата станал „премногу прогресивен за некои од поскептичните земји-членки и се очекува противење од Франција, Германија, Шпанија, Холандија, Португалија, Данска и Белгија“.
Францускиот претседател Емануел Макрон минатата година рече дека може да поминат „децении“ пред Украина да се приклучи на блокот.
Во приватните разговори, претставниците на ЕУ кои работат на ова прашање забележаа дека Украина постигна значителен напредок во усвојувањето на новиот закон за медиуми и промовирањето на клучните кандидати за Специјализираното обвинителство за антикорупција во земјата.
„Со оглед на тоа дека ова е земја во војна, тие навистина вложија огромни напори да го направат она што од нив го бараше процесот на проширување“, рече претставник на ЕУ запознаен со ова прашање.
На самитот ЕУ-Украина во Киев на 3 февруари ќе присуствуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел. Тие во петок треба да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
