Поранешниот премиер Љупчо Георгиевски го посочи бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски како главна причина за вжештувањето на односите меѓу Македонија и Бугарија по францускиот предлог за почетокот на преговорите за членство во Европската унија.
„Гледајте, тоа е по малку гледање на проблемот на парче“, реагира тој на забелешката од Радио Фокус за „малтретирањето“ на македонската граница на Бугарите упатени кон Скопје за чествувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев. „Пред тоа во Македонија имаше еден настап од околу стотина луѓе на чело со европратеникот Ангел Џамбаски. Дојдоа во Македонија, викаа по улиците, врескаа… Ангел Џамбаски даде изјава со која најмалку пет пати ги навреди и македонскиот народ, и македонската држава. Не е в ред Бугарија да се претставува на таков начин во Македонија. Дадов интервју во вашиот весник ‘Дневник’, каде што велам дека некој треба да го спречи овој Ангел Џамбаски, затоа што медиумите во Македонија го претставуваат како застапник на целата бугарска политика“.
„Погледнете ги само обвинувањата кои Ангел Џамбаски ги упати директно кон претседателот на Македонија. Таквата политика не може да продолжи. Не може. Во последно време имам чувство дека од бугарска страна не само што директно се навредува нацијата, туку и државата. Значи, овде има држава, и потребен е минимум почит да ѝ се покаже на оваа македонска држава. Има луѓе кои веќе не знаат што зборуваат за Македонија. Има и Бугари од македонска страна. Треба да гледаме критички на двете страни и да не ги прогласуваме екстремистите од двете страни за храбри. Тоа е важно за мене“, додаде лидерот на ВМРО-НП.