Македонија, ваква каква што е во моментов, не го заслужува Гоце Делчев. Недостојна е за грандиозниот лик и дело на апостолот на македонската револуционерна борба, на балканскиот Гарибалди, на светилникот на европскиот континент и пошироко со неговото разбирање на светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Не му е ни до глуждовите, а камоли до колената на човекот што само за 31 година живот направи повеќе за неа отколку милиони пред и по него, вградувајќи се во темелите на македонската државност, на автономна Македонија, за која толку многу мечтаеше, се бореше и херојски загина.

Во годината кога се одбележува еден и пол век од раѓањето на великанот од Кукуш, ни окупатор не би се потрудил толку колку актуелниот државен врв за реткиот јубилеј да помине што понезабележливо, како да не се случил. Ни една-единствена свеченост, ни некаква манифестација, ни бутур!

На 119-годишнината од погибијата на војводата во Баница, само „не е мој претседател“ положи цвеќе на неговиот гроб, но избегна да даде изјава, како што избега и од покровителство барем на научната конференција на Институтот за национална историја (ИНИ). Премиерон од сите можни денови во годината баш денеска мораше да изврши увид во изградбата на брана, а спикерот имаше време да скокне дури до Украина, потоа и до Слупчане, но не најде време да му се поклони на Делчев! Тазе академикот, шеф на историската комисија со Бугарија и директор на ИНИ, пак, среде конференцијата на институтот со кој раководи е на – одмор?!

„Па, људи моји, јели то могуќе?!“, би се развикал легендарниот спортски коментатор Младен Делиќ. Две одделенија училиште да имаа, па ќе го разбереа значењето на Гоце за Македонија, не па да имаа прочитано или слушнато нешто за најмаркантниот поединец во поновата македонска историја.

Не, не ќе да е дека се неупатени, напротив. Совршено добро знаат кој е и што бил деецот на Македонската револуционерна организација, но свесно се обидуваат да го игнорираат. Како залог за некаква си европска иднина (иако им е јасно дека Македонија без својот најголем син нема иднина), а во суштина како отплата на долгот за сопственото насадување и опстанување во Владата, иако им збоктисаа и на Бога, и на народот.

Додека Бугарија ја впрегна целокупната државна машинерија за Делчев, па лично претседателот застана зад националната конференција во Софија, во жална Македонија овие што веќе пет години ударнички ги нишаат нејзините темели од позиција на власт ќе беа најсреќни да го немаше. И онака, заедно со муртинскана несреќа и со „тенкистот“, побрзаа во јавни настапи да се откажат од него како од баласт, како што претходно се ослободија од името, од идентитетот, од АСНОМ…

Е мој даскале, да знаеше со кого (ќе) си имаме работа, нит аманет ќе оставеше да почиваш во главниот град на слободна Македонија, нит за пушка „берданка“ ќе се фатеше. Како што сега стојат работите, уште многу вода ќе протече низ Вардар додека некои нови фиданки од „гоцевата раса“ повторно ја прегрнат твојата идеја и достојно го чествуваат твоето дело. Добар дел од сегашниве, на кои поважен им е стомакот од душата, очигледно, тоа не се.