Уставниот суд на денешната седница одлучи да не поведе постапка по иницијативата со која беше оспорено работењето во недела, информира на прес-конференција портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.

За Судот неосновани се наводите на Стопанската комора на Македонија која беше подносител на оваа иницијатива и која бараше да се запре извршувањето на Законот според кој работниците имаат право на неработна недела.

Оваа одлука е конечна и секој мора да се почитува, нагласи Беловска.

Тоа, како што појасни таа, значи дека во правниот поредок останува Законот кој го уредува правото на работниците да не работат во недела, освен во дејностите кои се исклучоци, а секако се предвидени со сегашното законско решение.

Уставниот суд расправаше за овој случај на седница што се одржа на 14 септември годинава, но одлука не беше донесена поради недоволно мнозинство гласови.