Пишува: Свето Тоевски
Синоќа , на 14 ноември 2022 година, група маскирани луѓе нападнале младо момче во населбата „Орта бунар“ во Куманово. ТВ Феста од Куманово објави видео, на кое се гледа бркотница во вчерашнитe полноќни часови. Според телевизијата, „двајцата млади Албанци, кои биле цел на нападите, пред полицијата изјавиле дека биле навредувани на македонски јазик“. Албанските медиуми пишуваат дека се работи за „група од маскирани 15 лица со безбол-палки“.
МВР соопшти дека „Б.Ш (20) од Куманово пријавил на 14.11.2022 година оти околу 1,20 часот, додека бил во својот автомобил со сопатник повеќе лица со тврди предмети му го оштетиле возилото, по што во обид да избега удрил во паркирано возило.“ Денес кумановското обвинителство информираше дека речиси сите лица од објавената видео-снимка се веќе идентификувани и оти се преземаат дејствија за утврдување на мотивите за инцидентот.
Случајно ли е што бркотницата се случи баш во Куманово, во градот со „Дивото насеље“?!
Изнесувајќи тврдење дека „одделни политички субјекти и самопрогласени авторитети навлегуваат во веќе видени сценарија“, градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски објави на фејсбук дека очекува од Оливер Спасовски, премиерот Ковачевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети да дадат одговор на прашањата: „Кој се обидува да го наруши соживотот во Куманово? Дали е ова само изолиран инцидент?“ Публицистот и сопственик на весникот на албански јазик „Лајм“ Фејзи Хајдари го праша поодделно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски: „Кој го распалува меѓуетничкиот оган? Кои се хулиганите со маски, кои ги следат Албанците?“
Местото и периодот кога се случи вчерашниот индидент упатуваат на претпоставка со висок степен на веројатност дека станува збор за нечие сценарио со однапред испланирана цел, во кое напаѓачите на момчето се само неважни статисти, кои треба да преземат нешто, што ќе задобие меѓуетничка димензија“, со цел да се „крене температурата во меѓуетничките односи“. Синоќешната бркотница се случи во населбата „Орта бунар“ недалеку од „Диво насеље“, баш во Куманово, каде што на 9 и 10 мај 2015 година беше изведена полициска акција за разбивање на вооружената група на Албанци, од кои дел упаднати од Косово, при што загинаа 8 полициски специјалци и 14 членови на таа група. Дури 33 лица од групата беа осудени на долгогодишни или доживотни казни затвор поради „тероризам“.
Синоќешниот инцидент се случи и во период кога сите се напинаат од петни жили да се отвори македонскиот Устав, за да се внесе во него групата од 3500 „македонски Бугари“ како „бугарски државотворен народ“, па да отпочнеле „преговорите со ЕУ“ и да се „отвореле европерспективите“ на оваа „северна“ обездржавена територија. Секогаш кога „тврдоглавите Македонци“ не се согласуваат со „напредокот на нашата земја“ и кога ги „кочат европерспективите и на Балканскиот регион“, секогаш се посегнува по сценариото на „потпалување на меѓуетничките односи“: се создаваат инциденти, напнатост во односите меѓу Македонците и Албанците, за да се добијат отстапки, „компромиси“, кои значат дел по дел “демонтирање“ на Македонија како држава.
Со оглед дека владејачката коалиција нема 80 пратеници, односно двотретинско мнозинство во Парламентот, за да ги спроведе измените на Уставот по налог на Бугарија и Европската Унија, дали одредени меѓународни центри и домашни политички кругови пристапија кон вакво сценарио да се заплаши македонскиот народ, со цел потоа да се успее да се „отклучи вратата на Уставот“, за да се изнудат негови промени? Со оглед на повеќепати ваквото повторувано сценарио во изминатите неколку децении и години, неизбежна е констатацијата дека и сега се потега по истиот „заплашувачки арсенал“, но кој е крајно опасен.
Кој пратеник на ВМРО ДПМНЕ ќе смее да гласа за укинувањето на Македонија и за претворањето на Македонците во „балкански Курди“?!
Во меѓувреме, остануваат неостварливи комбинаториките на шефицата на ЕУ Урсула Лаен и разните други европски емисари, кои секоја недела си доаѓаат во Македонија, за да им донесат „топли европски поздрави на Македонците“ и „уставоменителски совети“, за да се затрчаат потоа овие газ преку глава кон „ЕУ-рајот со мед и млеко“. Залудни се и заканите на Бугарите дека ќе удрат ново вето, ако не се промени највисокиот правен акт на Македонија, по нивна наредба. Кој пратеник-Македонец од ВМРО ДПМНЕ ќе смее да гласа за внесувањето на бугарската и албанската државотворна агенда во Уставот на својата татковина Македонија и така да ја укине како држава?! Кој пратеник-Македонец од ВМРО ДПМНЕ би прифатил и самиот да стане апатрид, човек без татковина, балкански Курд, заедно со сите други припадници на сопствениот македонски народ?!
Пратениците и политичарите-Македонци од СДСМ од поодамна се откажаа од македонската кауза и од интересите на својата нација, поради што нив допрва ќе ги чека судот на историјата, но не и само тој суд… Затоа, тие пратеници без нималку мислење се подготвени да бидат дел на гласачката машинерија во Собранието, за да го исполнат налудничавиот неофашистички план на Софија по влегувањето во Уставот да навлезе и во сите пори на политичкиот систем и на институциите на македонската држава, и потоа да се отворат не три, туку 101 бугарски клуб во служба на „санстефанската платформа“ за Голема Бугарија. Со својата политичко-идентитетска агресија врз Македонците и Македонија повампирените великобугарски кругови од Бугарија се стремат да ги преземат територијата и кормилото на оваа држава, потоа да ги разурнат нејзините темели, а на нивното место да ги постават темелите на втората бугарска држава на Балканот.
Ете, затоа ВМРО ДПМНЕ и ниеден негов пратеник немаат мандат од македонскиот народ да учествуваат во уставните промени и во завршното укинување на Македонија како држава и на Македонците како нација! Ете, затоа лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски направи голема грешка кога кажа дека би прифатил промена на Уставот и внесување на Бугарите во него, ако тоа би било последно барање на Софија и ако би се добиле некакви гаранции на ЕУ во тој поглед! Мицкоски е лидер на ВМРО ДПМНЕ, на партијата која го носи името на револуционерната организација, чиј водач Делчев јасно порача дека „не смее над Македонија да огрее бугарското сонце“! Особено Мицковски не смее да дозволи над Македонија да блесне „сонцето на бугарскиот врховизам, на Ванчо Михајлов и на царот Борис Трети“!
Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ имаат обврска соодветно да му одговорат на Ковачевски кога овој ги обвинува дека со одбивањето да гласаат за промената на Уставот тие се пречката како партија за „светлата европска иднина на нашата земја“. Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ имаат обврска и мандат од македонскиот народ не да ги повикуваат СДСМ и Ковачевски „Ајде на избори“, туку со серија брзи парламентарни и вонпарламентарни активности да ги урнат СДСМ и ДУИ од власта, предизвикувајќи парламентарна и политичка криза, од која неизбежен излез би биле предвремените парламентарни избори, по кои ќе се избере новата Влада на Македонија.
Мицковски и ВМРО ДПМНЕ, во содејство со сите други партии, кои се против бугаризацијата на Македонија и за нејзина обнова како држава, имаат обврска и мандат од македонскиот народ да го отворат Уставот по тие избори само за да ја „избришат“ од политичкиот систем чудовишната парадржавна творба „северна“. Ивица Боцевски во своја колумна предупреди: „Клучот за одбрана на македонските ставови лежи исклучиво во рацете на ВМРО–ДПМНЕ и на нивниот лидер Христијан Мицкоски. За нив тоа е дословно последната битка за опстанок на политичката сцена. Тие имаат обврска да го водат отпорот.“ ВМРО ДПМНЕ има 44 пратеници и затоа е тој најповикан како партија конечно да и стави крај на голготата, низ која минуваат Македонија и Македонците.
„Белите македонски мугри“ треба да го истераат „северниот мрак“ од секое катче на Македонија, напоредно со мудри меѓународни лобирања
Какво било колебање и неспроведување на оваа висока национална цел и задача може сериозно да повлијае врз изгледите на ВМРО ДПМНЕ да победи на предвремените парламентарни избори. Изборите сами по себе се безначајни, ако „белите македонски мугри“ не блеснат и ако не го истераат „северниот мрак“, за да се постигнат промените за животот на секој граѓанин на оваа земја Македонија.
Пробугарскиот вазалски премиер Ковачевски во април годинава во едно интервју се испофали кога кажа дека „ние сме држава во Европа која што на највисок пиедестал ги има искачено правата на помалите заедници, на сите заедници во државата“. Време е на тој највисок пиедестал да се врати мнозинскиот македонски народ со својот македонски идентитет.
Да не се залажуваме: САД, Европската Унија и другите центри на меѓународната геополитичка моќ веднаш ќе се спротивстават на укинувањето на „Бугарскиот“ и „Преспанскиот договор“. Разбирливо најпрвин ќе „скокнат“ Грција и Бугарија, а најверојатно ќе има и спротивставувања и од албанскиот политички фактор. Но, со мудри постапки можат да се направат многу нешта и дома и надвор, реалполитички гледано. Македонија може и треба најбргу да се тргне настрана од линијата на судирот меѓу САД, од една страна, и Русија и Кина, од друга страна, ако се заземе позиција на неутралност и еднаква оддалеченост и од Вашингтон и од Москва и од Пекинг, со сите едновремено претпазливо соработувајќи. Од оваа антимакедонска власт, која нема поим од сувереност, од државништво и македонизам, тоа апсолутно не може да се очекува, но на следната Влада на Македонија тоа ќе мора да и биде еден од најпрвите приоритети.
Од клучно значење е да се постигне обединување на македонските политички партии, на сите чинители, интелектуалци, на кои им дојде преку глава од оваа ненормална ситуација во татковината, на сите кои не се мират со хаосот и беззаконието, вгнездени во секое катче на оваа држава. Добро би било ако се постигне некаков претходен заеднички договор со СИТЕ етникуми во Македонија да се урне „северната иднина“ и да се отвори македонската иднина на Македонија, како заедничка перспектива за сите да живеат во мир и согласие, со заемна почит. Ако не, тогаш им преостанува на македонскиот политички чинител обединет со сите напредни елементи во македонското општество да ја понесат врз своите плеќи и да ја остварат таа голема и важна одговорност Македонија да ја вратат во живот и на меѓународната сцена.
„Ако тагуваме за својата Татковина, тогаш треба да бидеме во служба на македонската кауза“
Изминативе недели на Вапцаров многу чест му оддававме, било лажна, било вистинска и искрена. Сега кога оваа генерација Македонци сме пред својот испит што ќе сториме за опстанокот и иднината на својата татковина ќе потсетам уште еднаш на великото завештание на Никола Јонков Вапцаров: „Нам, како на Македонци, ни е неопходна една правична емоционална сила, што ќе ни ја раздвижи крвта, која ќе ни раздвижи многу претопени чувства, многу спомени…Зашто, ако последните години македонската револуционерна борба тапка во место, причината е во недостигот на жива творечка сила… Ако тагуваме за својата Татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала капка благодарен патриотизам, сега треба да се впрегнеме, ропски да се впрегнеме, за да понесеме дел од одговорноста на едно дело и жестоко величие на една епоха… Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на национално-револуционерното движење – Илинден, Гоце, Даме… Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза.“
Започнав со синоќешниот инцидент, со тоа и ќе завршам. Ивица Боцевски предупреди дека „службената бугарска политика се стреми и кон продлабочување на внатрешниот македонско–албански конфликт во Македонија“. Но, тоа не е цел само на Софија… Дел од мудрите чекори да се спаси Македонија од паѓањето во бездната е ВМРО ДПМНЕ и сите други македонски патриотски сили веднаш да преземат активности да се спречи можното сценарио за палење на меѓуетничките односи, заради отворање и менување на Уставот.