Германскиот пратеник во Бундестагот Михаел Рот кој во 2018 година пред референдумот како државен секретар во Охрид не убедуваше дека треба да се смени името сега од Скопје вели дека Македонците живеат во фрустрирачки времиња.
Рот по четири години доаѓа во Скопје но сега за разлика од пред референдумот не зборува за брз прием во ЕУ.
,,Македонците испишуваат историја и тоа не само национална туку европска. Со Договорот потпишан со Грција за надминување на разликите околу името имаме уникатна шанса и наскоро очекувам Македонија да ја видам во групата пријатели во ЕУ и НАТО”, рече пред 4 години тогаш министерот за Европа при Германското министерство за надворешни работи Михаел Рот на дебатата во Охрид на тема Македонија на патот кон ЕУ.
Сега Рот не вели дека Македонија наскоро ќе биде дел од ЕУ туку дека Македонија нема да биде сама на патот кон ЕУ без да каже колку тој пат ќе трае.
“Добро утро Скопје! Добро е да се вратиш во предизвикувачки, фрустрирачки времиња за Македонците! Но вие никогаш нема да чекорите сами… Надежта е клучот! И патем: Македонскиот е јазик во Европа на културни различности!”, напиша Рот на Твитер.
Германскиот пратеник Рот во Скопје ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Претходно Рот беше примен и од претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, а имаше средба и со претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, Антониjо Милошоски.
Пред три дена германскиот канцелар Шолц изјави дека без реформа на ЕУ, за која нема договор меѓу членките, не може да има проширување без разлика на договорите што Македонија ги потпиша со Бугарија и Грција.
Добро утро Скопје! Good to be back in challenging, frustrating times for the Macedonians. But you’ll never walk alone… Hope is key! And by the way: Macedonian is a language in a Europe of cultural diversity! 😜 🇲🇰🇪🇺🇩🇪
— Michael Roth MdB 🇪🇺🇺🇦 (@MiRo_SPD) August 31, 2022