Со наднасловот „Не сме само ние и Македонија“, бугарските медиуми се осврнуваат на новиот јазичен спор на дневниот ред на Европската унија по тој меѓу Македонија и Бугарија, овојпат меѓу Хрватска и Србија.

На денешната средба на врвот „ЕУ – Западен Балкан“ во Брдо кај Крањ е најавено дека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ќе му каже на српскиот претседател Александар Вучиќ дека е „срамно и недопустливо“ негирањето на хрватскиот јазик во Србија.

Причината за тензиите меѓу двете земји е издадениот во Белград учебник по граматика за осмо одделение, во кој пишува дека српскиот, словенечкиот, македонскиот и бугарскиот припаѓаат на групата на јужнословенските јазици, а „Хрватите, Бошњаците и дел од Црногорците го нарекуваат српскиот јазик хрватски, бошњачки и црногорски“.

„Нашата амбасада, Министерството за надворешни работи и сите надлежни служби имаат јасна задача да протестираат пред српските институции. Ние го сметаме ова за срамна политика“, изјави Пленковиќ.

Официјален Загреб очекува Белград „да ги отстрани наведените аномалии во учебниците“, кои покажуваат „недостиг од почит“ кон Хрватска.