Не прашувај за кого бијат камбаните премиере – пишува Горан Момироски

Селективно применувајќи го правниот институт “Презумпција на невиност” премиерот Заев во интервју со право вели дека неговиот компањон Драги Рашковски ќе биде виновен кога тоа ќе се потврди со правосилна судска пресуда.

“И денес тврдам дека не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки”, вели премиерот Зоран Заев во интервју за „Фокус“ во врска со корупциските и криминални случаи на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.

„Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на министерството е дали ќе го користи“, објаснува Заев.

Читам и не можам да поверувам.

Премиерот со овој став ни најавува дека неговиот кумашин и актуелен генерален секретар на Владата Мухамед Зекири може утре без да праша никого, да нарача софтвер за мерење на киселост на ланската зелка за министерството за земјоделие.

Дали Земјоделие ќе го користи и дали софтверот им е потребен, според Заев не е воопшто важно, Зекири може слободно да го нарача и да го плати со наши пари.

Како што можеби Заев, ако е доследен на ова што го зборува сега, му сугерирал на Рашковски пред да влезе во темната зона. И со тоа станал соучесник.

Според логиката на Заев која се базира на политичко насилие Зекири може да го патентира предметниот софтвер за кисела зелка, да го нарача од самиот себе си, да го плати со пари на граѓаните, тој да стои без да биде никогаш употребен а за тоа никој никогаш да не одговара.

Всушност со оваа изјава Заев ја бетонираше неговата политичка стратегија која гласи: “Имам апсолутна власт, не морам никого да прашувам ништо, ќе плаќам и ќе трошам од народните пари дури и ако платеното никому не му е од корист затоа што ми се може”.

Вака размислуваше и неговиот најблизок соработник Рашковски за кого сега Заев лее дробни солзи и врши упад и притисок врз правосудниот систем.

Само не сум сигурен дали од сожалување кон пајташот или од страв дека Рашковски не може да издржи повеќе од 2 х 30 дена притвор и дека може да “пропее”.

Заев успеа фразата “здрав разум” да ја унапреди во (не)здрав разум.

Ако вака силеџиски се однесува кон Алфа ТВ и кон обвинителката Русковска која ја нападна јавно преку медиум можам да замислам колку ќе плаче и каква сила ќе употреби кога на местото на Рашковски ќе се најде лицето Вице Н. од аферата Рекет во РЕК Битола или лицето Т.З. за повеќе други афери и случаи.

Сигурен сум дека за лицата од Струмица Кирил, Александар, Стојан и дел од нивните сопруги нема да плаче како што тоа го прави сега за Рашковски.

За еден друг човек кој сега е избеган во Америка а кој беше важен штраф во системот на непознатиот Вице Н. за кој обвинителството веќе “гази длабока вода”, Заев не се секира ниту лее дробни солзи.

Затоа што солзи има се помалку а луѓе за кои треба да ги лее се повеќе, се додека еден ден не остане сам со два – тројца во хеликоптерот.

Како Николае и Елена пред 32 години.

На оние што не им е јасно да им разјаснам дека одговорот на прашањето:”За кого бијат камбаните во премиерскиот плач и лелек” е едноставен: За самиот премиер.

Паничните реакции базирани на политичко насилство кон Алфа ТВ и кон Русковска не е ништо друго освен подготовка за неговиот финален крик кога ќе се спроведе финалето на неговата лична, политичка и семејна агонија.

Агонија во која тој лично може да биде делумно заштитен но но ќе биде зафатен со носење цигари на премногу голем број негови блиски соработници во Шутка, Идризово, Струга, Гевгелија…

А камбаните бијат, не запираат…