„Не постои вистинска или погрешна возраст да се смени или започне професија или кариера“ (ИНТЕРВЈУ)

Повозрасните луѓе, оние над 40 години, се соочуваат со најмногу предизвици кога станува збор за вработување и започнување на кариера. Пандемијата со Ковид – 19 во голем дел ги погоди и повозрасните луѓе, со тоа што голем дел од нив останаа без работа. Од друга страна има и повозрасни луѓе коишто долговреме не се дел од пазарот на трудот, па сакаат повторно да станат дел од него, бидејќи сметаат дека никогаш не е доцна. Ова исто така го смета и нашата денешна соговорничка, со која досега имав прилика да отворам доста прашања во однос на вработувањето и започнувањето на кариера, пишува авторот Бобан Илијевски во работник.мк.

Катерина Златановска Попова е сертифициран советник за развој на кариера и е член на Асоцијацијата на советници за развој на кариера – АСК Скопје (http://ask.org.mk/). Таа денеска е нашата соговорничка и со неа ќе разговараме околу повеќе теми коишто се однесуваат на тоа што треба да направат повозрасните коишто ги изгубиле своите работни места, за да дојдат до вработување, за тоа кои се нивните опции за започнување на кариера, дали треба да ја сменат кариерата, доколку имаат потреба од тоа и каков ефект ќе има таа промена врз нив, како и на други теми.

Во продолжение прочитајте го целосното интервју:

Работник: Каков совет би им дале на повозрасните луѓе (40+) коишто ги имаат изгубено своите работни места, во однос на тоа што да направат за да дојдат до вработување?

Златановска – Попова: За некои кризата значи шанса, за други загуба. Претприемачите ќе ви речат дека најдобрите времиња се времињата кога е криза. Кризите за некого значат нов почеток, нови можности, нови пазари, нови потреби кои пак значат нови прилики за бизнис.

За жал, за други пак значат загуба, целосно пропаѓање на бизнисот, губење на работното место…

Клучна е вашата способност и вештина да се прилагодите на ситуацијата и состојбата. Оние кои најбрзо ќе се адаптираат и приспособат, оние кои ќе ја погледнат кризата од агол на можност за стекнување со нова вештина, знаење, отворање на нов сектор во бизнисот или пак нов пазар, тие ќе излезат како добитници и во тешките услови за работа.

И додека одредени бизниси поради намалениот обем на работа ги отпуштаат своите вработени, други имаат потреба од повеќе работници. Затоа, не паѓајте во очај туку работете на градење на вашата жилавост, вештина која ќе ви помогне да се приспособите на моменталната животна ситуација и погледнете околу себе каде можете да побарате нова работа, што би можеле да научите или во што да се доусовршите и специјализирате, која индустрија има зголемена потреба и каде вие со вашите вештини и знаења можете да се понудите.

Работник: Какви им се денес опциите на повозрасните луѓе за вработување?

Златановска – Попова: Најважен е првиот чекор, а тоа е одговор на прашањето: Сакам да се вработам во некоја компанија или да отпочнам сопствен бизнис? Од тука всушност започнува разгледувањето на опциите. Земете лист и почнете да пишувате, кои се позитивните, а кои негативните страни од двете опции и потоа за секоја разгледајте ги деталите и можностите. Ова е процес, некогаш е потребно и повеќе време, некогаш е полесно и поефикасно да ангажирате кариерен советник кој ќе ве води низ целиот процес, но ефектот од постигнатите резултати секако ќе ви ја даде насоката во која ќе може да ја продолжите својата кариера без разлика на возраста.

Златановска – Попова: Дали според Вас повозрасните луѓе би требало да ја сменат својата кариера, доколку чувствуваат потреба за тоа? Каков ефект би имала таа промена врз нив?

Златановска – Попова: Би сакала да нагласам уште на самиот почеток кога станува збор за годините дека не постои такво нешто како што е вистинска или погрешна возраст да се смени работа, професија или да се отпочне нова кариера во сосема друга област. Секако дека за одредени професии годишната граница може да претставува пречка, но никако не значи дека доколку имате над 40 години не постои шанса да најдете работа или да смените професија.

Она што е најважно е како вие гледате на својата кариера, дали воопшто размислувате за промена или пак претпочитате да останете во безбедната зона?

Некогаш, случувањата, животот, ситуациите нѐ втурнуваат во насока кога сме приморани да направиме нов избор, да бараме нова работа. Некогаш, тоа е свесна одлука да отпочнеме нова фаза во животот.

Која и да е причината зошто размислувате за промена на професијата или работата на било која возраст клучно е, како што споменав и погоре да си го поставите првото прашање: Сакам да отпочнам сопствен бизнис или пак сакам да барам вработување некаде? Во зависност од вашиот одговор пристапот и стратегијата ќе бидат сосема различни за реализација на вашата цел.

Познавам и сведочам на безброј примери каде токму по долгогодишно искуство работејќи за некоја компанија, луѓето се одлучуваат да отпочнат сопствен бизнис, да основаат своја компанија, да реализираат некоја своја животна желба.

Од друга страна, компаниите се заинтересирани за работливи луѓе со вистински ставови кон новите пристапи и начини на работење и особено за луѓе кои ќе бидат долгорочно посветени и заинтересирани да останат во компанијата. Она што ја прави разликата е стекнатото искуство, научените вештини и знаењето кое низ годините сте го насобрале и сѐ почесто работодавачите покрај младите се заинтересирани да вработат и искусни работници. Дури постојат и компании чија стратегија за привлекување на квалитетни, обучени кадри се темели на вработување луѓе кои се во годините пред пензионирање нудејќи им посебни бенефиции и пакети за пензионирање доколку долгорочно останат во компанијата. Затоа, доколку поседувате квалитети како желба за работа, интерес постојано да учите нешто ново, можете да се прилагодите на новиот тим и новата работна средина, имате стекнато вештини и знаења кои се потребни некому, тогаш немате потреба да се грижите за вашата возраст

Работник: Има голем број на повозрасни луѓе коишто поради различни причини долго време не биле вработени. Како овие луѓе можат да го најдат своето место на пазарот на трудот и да започнат своја кариера?

Златановска – Попова: Како советник за кариерен развој и јас и моите колешки од Асоцијацијата на советници за развој на кариера АСК Скопје, често работиме со луѓе кои долгорочно се невработени и имаат потешкотии да се снајдат на пазарот на труд. Она што е најважно за овие луѓе е да ја разберат причината зошто не успеваат да најдат работа? Кои се причините поради кои тие останале или остануваат невработени? Потоа, откако ќе се откријат причините, следува фазата на прилагодувања на очекувањата, можностите и компетенциите односно едноставно кажано, што знам и можам да правам, и што очекувам да добијам за возврат од компанијата. Некогаш луѓето имаат превисоки очекувања, некогаш немаат соодветни вештини за одредена работна позиција, а најчесто причинители се лошите негативни ставови кои ги изградиле со тек на времето. Овие последните најтешко се менуваат и затоа по низа разочарувања луѓето едноставно се откажуваат потврдувајќи си ги негативните мисли дека работа нема!

Сепак, постојат одредени професии кои не се поврзани со IT индустријата (во која платите се исклучително високи за наши услови), и се „на цена“ (најчесто ставува збор за високо квалификувани работници како водоинсталатери, електричари, монтери, столари, кувари/ки, негуватели/ки…листата е многу долга).

Јас би сакала да ве поттикнам да погледнете поинаку на целата ситуација. Колку сте подготвени да платите за да научите нова професија или вештина? Колку сте подготвени да работите без надомест (плата или хонорар) ако за кратко време тоа ви овозможи да се стекнете со нова вештина, искуство или знаење кое е барано на пазарот на трудот, а вие сте имале прилика да го совладате работејќи директно во одреден период?

Конечно, ако фокусот зошто би избрале да ја работите одредената работа е само поради платата, веројатно никогаш нема да успеете да бидете среќни и задоволни. Ако успеете да научите занает или вештина која во иднина ќе ви донесе повеќе приходи? Ако најдете причина што ќе добиете и ќе можете да научите па макар за тоа бидете платени минимално во еден извесен период можеби вреди да размислите и да го прифатите договорот. Сигурно има голема вистина во народната мудрост која ја користеле нашите дедовци и баби, а на која сме подзаборавиле: „Џабе работи, џабе не седи!“

Секој од нас поинаку го толкува значењето на зборот кариера и различно го мери успехот, но она што важи за сите нас подеднакво е дали си создаваме ограничувања и се саботираме со нашите ставови и мисли, или пак сме од оние кои ќе се снајдат каде и да ги „фрли“ животот?

Силно ве охрабрувам да ги отфрлите предрасудите и да се посветите на можностите кои чекаат на вас за да го искористите секој ден и секоја прилика избирајќи кариера и успех скроени според вашите мерила.

Работник: Со самата дигитализација, се отвори и можноста за работа како фриленсер за странски компании. Младите веќе го практикуваат овој начин на работа. Повозрасните не располагаат со многу дигитални вештини, како и младите, па оттаму дали и тие би можеле да конкурираат за ваков вид на работа? Што би ги советувале во таа насока?

Златановска – Попова: Учењето треба да стане ваша доживотна мисија. Колку побрзо го смените ставот од „сега ми е касно“ во „ова е вистинското време за мене“ ќе ја почувствувате моќта на универзумот и на можностите кои доаѓаат со отворање на умот кон нови искуства, нови знаења и нови вештини. Надминувајќи ги сопствените ограничувачки мисли ја градите својата самодоверба, својата само почит, но истовремено си отворате врати за нови поголеми можности поврзани со вашата кариера и напредок. Па затоа, пред да си кажете себе си: не можам сега допрва да учам, помислете си што би било поинаку, и што е тоа што можете да го добиете ако одлучите да го смените својот став и да почнете да учите нови вештини кои ги бара новото време?

Извор