Драган Милосављевиќ

Нема повеќе никакви дилеми, Украинската армија успешно го проби фронтот во областа Харков и постигна завидни успеси на овој сектор. За само ден или два силите под команда на украинскиот претседател Владимир Зеленски најпрвин дојдоа до градот Балаклеја, во од го заобиколија и продолжија до линијата Шевченково. И додека руските канали јавуваа за големо прегрупирање на руските сили и очекуван контранапад, Украинците во налет се пробија до Купјанск, а на југ се устремија кон исклучително важниот Изјум. Според последните информации (квечерина 9 септември) руските трупи и нивните сојузници се повлекле и од Изјум се до реката Оскол (притока на Северски), а некои непотврдени извори велат дека украинските претходници избиле дури во близина на Лисичанск и Северодоњецк кои и не се дел од Харковската туку од Луганската област. Руското министерство за одбрана потврди дека ги повлекло своите војници од правецот Купјанск – Изјум за да ги засили позициите во Донбас, каде што се насочени примарните планови на целата Руска специјална операција. Чудно, со оглед на фактот дека Русите изгубија неколку месеци за да ги освојат (ослободат – во зависност од вашиот поглед на нешатата) овие територии кои сега за одвај четири дена им ги препуштаат на непријателите. И на лаик му е јасно дека повлекувањето е изнудено и дека ова е прв вистински пораз на Русите во седуммесечната војна во Украина и дека никакви соопштенија не можат да го ублажат ниту намалат неговото влијание.

Што се случи – прашуваат со загриженост про-руските телеграм канали. – Ве разбивме – одговараат од украинската страна.

Но Како беше тоа можно?

Власта во Киев со недели најавуваше контраофанзива во Херсон, односно во таканаречениот јужен дел од фронтот кој се протега на над 1200 километри. И навистина, неколку дена пред случувањата во Харков, стартуваше украинската офанзива во Херсонската област, каде по цена на сериозни жртви Украинците не постигнаа речиси ништо, освен неколку лимитирани пробиви во територијата под руска контрола.
Русите славодобитно тврдеа дека офанзивата е разбиена и сосечена во корен а украинските извори, под строга забрана од Киев, речиси и да не јавуваа ништо за случувањата на херсонскиот фронт. Но во меѓувреме започна операцијата на север, во Харков. Многумина мислеа дека таа требаше да биде еден вид поткрепа, или свртување на вниманието од продолжувањето на херсонската.

Сепак, излезе дека не е така. Според некои извори, Украинците во битките во Харков фрлија близу 50 илјади добро подготвени и одлично вооружени војници. Дел од нив тренирани во западна Европа, со поддршка од таканречената „Странска легија“ и по се изгледа под цврст мониторинг, а можеби и со директно учество на експерти од земјите на НАТО.

Фронтот го пробиваа(т) смислено, методично и логично. Брзо и ефикасно, според сите стандарди на модерното војување. Руските гарнизони, неспоредливо помалубројни во тој реон и со очигледно „изненадени“ офицери, не можеа да го издржат притисокот и се обидуваа(т) да најдат нова линија на одбрана позади големите реки.

Но Украинците, осоколени од брзата победа се чини дека немаат намера наскоро да запрат. После седум месеци повлекување, веруваат дека дојде време за пресврт. Веќе се зборува за обновување на офанзивата во Херсон, па дури и во Доњецк, каде веќе подолг временки период на фронтот има тактичко-оперативен застој.

Всушност на дело се покажува следното: Рускиот контингент во Украина, заедно со локалните поддржувачи, не располага со доволно луѓе за да може успешно да се носи на сите места против, веќе нема никакво сомнение, огромната Украинска армија. Русите имаат во најдобар случај околу 200 илјади луѓе под оружје во Украина, додека Украинците преку 600 илјади.

Руската предност во артилерија, ракетни системи и авијација не е доволна. Прво, поради огромниот прилив на модерно западно оружје за Украинците, идејата за бесконечно гранатирање од далеку се додека Украинците психички не издржат и не се предадат, беше успешна одреден период, но повеќе не. Украинците се покажаат како тврд орев. Иако на врат ја имаат втората најсилна армија во светот, се борат упорно, жилаво и смело.

Несомнено имаат огромни жртви, но сепак можат да ги поднесат и, без разлика на руските очекувања, нема ниту масовни предавања, ниту масовно бекство од фронтот. Украна има околу 40 милиони жители и може да издржи голем број загинати и повредени, без притоа суштински да се намали нејзиниот капацитет за борба. А осоколени од поддршката од Западот, по изгледа веруваат во можна победа и истиснување на сите руски сили од украинска територија.

Од друга страна, Москва упорно инсистира на војување само со професионални војници и локални про-руски формации, кои веќе рековме, не се доволни за ваква тешка и исцрпувачака војна. За поразот кај Харков сега се бараат виновници.

Те „заспани“ генерали, те масовна корупција во армијата, те „стравот на Путин од Американците“ итн, итн. Некаков виновни се разбира постои, но дали вистинскиот ќе биде пронајден е друго прашање, на кое ние не сме подготвени дададеме сигурен одговор. Она што е извесно во овој момент, Украинците добија замав и ќе се обидат да капитализираат од победата кај Харков до максимум. Руската страна пак, веројатно ќе се најде пред избор, или во војната да влезе целосно, со сите расположливи средства што ги има на располагање (не мислам на нуклерано оружје), или да се соочи за кратко време со нови и уште поболни порази, кои во голема мерка ќе го поткопаат нејзиниот статус на сериозна воена сила.

И не само тоа, туќу можат да предизвикаат политички консеквенци после кои дури и местотот на Путин во Кремљ нема да биде сигурно. За жал, во сите варијанти, очекувано е дека војната во Украина нема брзо да заврши, туку напротив дополнително ќе се вжештува и ќе однесе нови и нови илјадници животи. Како и секоја друга војна, попусто.