Не навивам за „Северна“ – Пишува Роберт Димитриевски

Не толку одамна сите беа горди на него. Го истетовира македонското знаме на градите, Македонците од САД и од Канада доаѓаа на неговите натпревари во НБА-лигата со знамиња, меѓу кои и тоа со сонцето од Кутлеш, и потоа се фотографираа со него. Сите се радуваа кога капитенот на репрезентацијата што пред десет години беше четврта во Европа блескаше за Атланта, а пред и потоа за Олимпијакос и за Фенербахче, со кои три пати ја освои Евролигата.

И така веројатно и ќе останеше да не следуваше чудесна трансформација на поранешниот крилен центар од светски калибар кога стана претседател на Македонската кошаркарска федерација. Прво што стори – ја преименува во Кошаркарска федерација на Северна Македонија, за потоа и репрезентацијата да стане пионер меѓу македонските национални селекции со „Северна“ на дресот.

„Кој го тоа направи, дами и господо?“. Перо Антиќ. Со глава и со брада.

Со децении македонските спортисти се бореа против понижувачкиот акроним БЈРМ со тоа што на дресовите го носеа македонското знаме и/или (сè уште важечкиот) меѓународен код за државава МКД. Ден денес ниту фудбалските репрезентативци, ниту ракометните, ниту во другите спортови не играат со „Северна“ на дресовите. Само кошаркарите.

Можам да разберам дека во официјалните записници од натпреварите и на вебстраниците на меѓународните спортски федерации за земјава се користи името што го прифати власта предводена од СДСМ без амин од народот, иако го праша на пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година. Тие само бирократски го применуваат името под кое државата е заведена во Обединетите нации.

Но, ниту можам да разберам, а уште помалку да прифатам сам, без никој да те тера, да го ставиш омразениот израз кај мнозинството Македонци и други граѓани на Македонија на тоа што е светост во секоја држава – репрезентативниот дрес. Ваков мазохизам ни Фројд не би можел да објасни.

Па добро бе, мајка му стара, кој ви пречи да продолжите со праксата од времето на ФИРОМ да ги користите само знамето и/или кратенката МКД? Никаде не пишува дека сте обврзани да се (само)северничите. На дресовите на националниот тим во најважната споредна работа на светот, на пример, стои логото на Фудбалската федерација на Македонија, но од него преку целиот дрес се шират зраци од стилизираната апликација на сонцето од знамето.

Значи, има начини за да се избегне/дезавуира/изигра тоа што две третини од македонските граѓани не го прифатија на плебисцитот пред три години. Државното знаме и МКД дури ни според Преспанскиот договор не се спорни и слободно можат да се користат за официјални намени. Но, не, некој сака, паралелно со забранувањето на термините „Македонија“ и „Република Македонија“, по секоја цена да ја промовира и да ја наметне „Северна“ со создавање привид дека со тоа се согласуваат сите во државата!

Е па не е така, другари северџани! Лично, не можам да навивам за репрезентација што на дресот ја има географската одредница што го симболизира газењето на народната волја и е потсетник за историското понижување на Македонија и на Македонците.

А не сме саде ние и не сме саде овде (со ваков став).