Бугарскиот продуцент Андреј Арнаудов на своите сонародници им порачува да не им судат на Македонците ако не се чувствуваат Бугари, бидејќи „тие веќе имаат сопствена национална свест“.

„Ние треба да бидеме толерантни и да имаме разбирање за луѓето од современа Република Македонија, бидејќи тие минале низ многу сложени процеси. Во тие сто години во кои сме разделени тие виделе многу војни, многу луѓе загинале додека таа држава била под српска власт и досега таму има многу големо српско влијание. Така што, ако тие не се чувствуваат Бугари, ние не можеме да ги судиме за тоа. Тие веќе имаат сопствена национална свест и ние не можеме да ги судиме за тоа. Ние треба да направиме така за тие да ја запознаат сегашна Бугарија каква што е – пријателски настроена и со љубов кон нив – и да го осознаат минатото, кое ни е заедничко, кое, за жал, не можеле да го осознаат, бидејќи, едноставно, не го пишувало во учебниците и во книгите“, изјави тој во емисијата „120 минути“ на комерцијалната БТВ.


„До тој степен до кој многу луѓе во Македонија не го познаваат нашето заедничко минато, до таков степен и ние ја познаваме сегашноста на Македонија. Многу важно е прво да се свртиме кон себеси. Не знам колкав дел од Бугарите знаат колку илјади луѓе ги дале своите животи за слободата на Македонија, заради една поголема национална идеја. Колку од нас имаат корени од Македонија. Еве, неделава мојот татко, Бог да го прости, ќе наполнеше 75 години, неговото семејство е од Егејска Македонија, што ја објаснува мојата толку голема љубов кон тој крај. Така што, има многу луѓе во Македонија што не знаат доволно за нашето заедничко минато и ние сме должни да направиме да го дознаат. Но, има и многу луѓе во Бугарија што не знаат колку важна е таа земја за душата на Бугарија“, додаде телевизискиот водител познат во Македонија од шоуто „Music idol“ од 2007 година, во кој учествуваа повеќе македонски пејачи, а некои од нив дотуркаа и до самиот крај.

„Инаку, мислам дека моите луѓе од Македонија, и тоа го докажува и годинава ќе го докаже по вторпат нашиот фестивал ‘One love’, тие се отворени кон Бугарија, им се допаѓа Бугарија. Бугарија веќе е модерна во Македонија“, заклучи Арнаудов.