Претседателот на унгарскиот Парламент за локалната телевизија HirTV доцна синоќа сигнализираше дека е можно дополнително одложување на процесот за ратификација на приемот на Шведска во НАТО, пренесе „Ројтерс“.
Процесот на ратификација е закочен во унгарскиот парламент од јули 2022 година, а Будимпешта изрази загриженост за членството на Шведска во НАТО поради критиките на шведските политичари за демократско назадување на Унгарија.
„Не ни треба сојузник кој така размислува за нас“, изјави Ласло Ковер.„Не е сигурно дека ќе гласаме за Шведска во НАТО“, нагласи тој алудирајки на краткиот шведски едукативен филм за студенти кој ја критикува состојбата на демократијата во Унгарија.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто веќе испратил отворено писмо до својот шведски колега во кое нагласува дека барањето унгарскиот Парламент да го ратификува членството на Шведска во НАТО и нападот врз унгарската демократија се меѓусебно контрадикторни.
Шведска и Финска аплицираа за НАТО минатата година по руската инвазија на Украина.
Турција и Унгарија се уште не ја ратификувале кандидатурата на Шведска за членство во НАТО. Финска доби зелено светло во април, но Шведска ја кочат Турција и Унгарија.
