Легендата вели дека и нацртана овца да му дадеш да ја чува – ќе му побегне. До толку да ти бил неспособен да го работи тоа што го работи, со мали прекини, веќе осма година.

Не може да фати ни „револвераш“ што среде бел ден во трговски центар полн со луѓе мртов-ладен испука цел шаржер врз двајца и, како што дојде, така и си замина – во легендите. Меверето ќе те најде и попреку да погледнеш некого, а камоли да му се заканиш преку социјалните мрежи, ама од стрелецот со бел дуксер ни трага ни глас. И тоа само неколку дена откако токму на интернет беше навестено тоа што се случи.

Досега најдрското посегнување по оружје доаѓа непосредно откако Оли ќе се пофали на цел глас дека драстично бил намален криминалот во недојдијата во која тој е прв пендрек. За ден по „пуцањето“ во молот што баш нема среќа – неодамна се поплави, за сега да му се случи „пресметка кај ескалаторот“ – да ја смирува јавноста дека станувало збор само за – изолиран случај. И веднаш им стана полесно и повеќе не се плашат за безбедноста сите што се најдоа на погрешно место во вистинско време и на сите други што имаа(т) намера да го посетат објектот за кој толку многу се зборува.

Оли, разбира се, не ни помислува за некаков чин на одговорност, не дај боже за оставка. Нема време тој за тоа, оти формирал повеќе тимови за утврдување на сторителот и на мотивот. Како што формираше и кога од државава му киднаа Грујо, па „тигарон“ што се сликаше со Зоќе во дрес на Реал во Идризово и кој уште не. За полицајката што се удри во „пајакот“ и пасошите за белосветски кримоси да не зборуваме.

Џабе работи, џабе не седи. И криминалот не е сапун, па да се потроши. Како идентитетот, нели? Ќе има и други дешавки што ќе ги покријат набројаниве, па по некое време кој уште ќе се сеќава дека некој некогаш извадил пиштол и запукал среде едно од најпосетените места во градот убав, а потоа се изгубил во непознат правец? Освен здодевните пискарала од седмата сила, кои како да немаат попаметна работа од потсетување на граѓаните за потфрлањето на политичарите. И на службите што им ги довериле да ги водат.

Наместо да пишуваат за поубави работи. За избори, на пример. Оти една друга легенда вели дека истиот овој Оли уште од мал сакал да стане, ни повеќе ни помалку, туку – претседател. Како тоа еден некадарник со тапија може и да помисли да „пука“ на највисоката функција во државата, ќе прашаат злобниците. Може. Ако во и околу урнатините од „државотворната“ партија што ѝ го смени личниот опис на државата безмалку сите се од него – бетер. И ако самиот тој живее во паралелен универзум, во кој сè е розово и потаман, како што произлегува од јавните настапи во кои се обидува да остави впечаток дека сè (му) е под контрола, наспроти суровата реалност во жална Македонија.

Не биди како Оли.