НЦЦ: Губи ли Запад на Балканот?

Со одбивањето да отвори преговори со с.Македонија, ЕУ го прекрши одамна даденото ветување дека ќе ги наградува земјите од Западниот Балкан за нивните реформски чекори со напредок во интеграцијата, пишува швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг (НЦЦ).

Поради таквиот потег, ЕУ сега ги отвора портите за засилено влијание на земји како Русија, Кина и Турција на Балканот, а тоа отвора реални ризици. Најголемиот проблем, не е опасноста земјите од регионот да се свртат кон Москва, Анкара или Пекинг, туку да се засилат авторитарните режими во тие држави, оценува швајцарскиот весник, како што пренесува Дојче веле.
„Малку е веројатно дека Москва или Анкара ќе станат нови центри на гравитација за балканските држави. Ефективното ниво на соработка со овие држави генерално е преценето. Рускиот удел во регионалната надворешна трговија на регионот е 6 проценти, уделот на ЕУ- 73,5%. Договорот за слободна трговија на Србија со Евроазиската унија нема да промени многу во тој однос. И за безбедносните прашања, регионот се потпира на Западот. Албанија, Црна Гора, наскоро и Северна Македонија, се членки на НАТО, а таму би сакало и Косово. Босна и Србија учествуваат во програмата на НАТО- Партнерство за мир“.
„Населението можеби се забавува со турски сапунски серии и негува симпатии за силникот од Кремљ, но западниот начин на живот и натаму е сонот. Исклучително силната миграција на населението и натаму е насочена кон север и запад. Дури и младите Срби ретко ја бараат својата среќа во Москва или Цариград. Авторитарните држави на Истокот едноставно имаат помалку да му понудат на Балканот отколку Западот. Дури и во традиционално про-руската Србија, 45% од населението е за членство во ЕУ и само 17% во Евроазиската економска унија.”, оценува НЦЦ.