Во текст со наслов “Итроманска реформи” Проф. д-р Наде Проева која е еден од највлијателните европски експерти за Античка Македонија со неколку луцидни анализи и информации целосно ја поништува идејата на министерката за образование Мила Царовска која преку новиот концепт сака да го укине предметот историја.
Според Проева причината за започнaтaта реформa во основното образование на сите им е јасна, освен на оние што се прават слепи или, пак, навистина се слепи при очи.
“Во согласност со барањата за прекројување на историјата по мерка на источниот сосед, нашата влада молчешкум почна да прави коренита реформа за основното образование, што треба да се спроведе на врат на нос и без јавна расправа. Според веќе направениот нацрт, предвидено е стопување на повеќе наставни предмети во еден и, што е уште понесфатливо, на предмети од различни научни области! Ова веднаш раѓа сомнеж за стручноста на авторите на овој план, зашто ако не знаат како се распределени научните дисциплини (за такво „знаење“ се добива студентска петка), тогаш јасно е на што ќе личи нивната реформа.
Прв на удар е предметот Историја, со објаснување дека децата учеле само факти, наместо да учат како да ги поврзуваат и како да размислуваат логички. На секој макар и малку писмен човек јасно му е дека образување на независни личности способни за самостојно и критичко размислување, во прв ред со користење на искуство од минатото, е основна цел не само на историската наука туку и на севкупниот образовен процес, и сосема е различно од прашањето дали нашето сегашно образование го овозможува тоа. Ако сме искрени, тогаш одговорот е едно големо „не“, пишува професорката за идеите на Царовска и нејзиниот тим.
“И што да се очекува од „реформатори“ што јавно признаваат дека не биле „толку стручњаци за историја“ (па се поставува здраворазумско прашање зошто се нафатиле да прават реформи за работи за коишто признаваат дека не се оспособени) ама затоа „знаат“ дека историјата не требало да се изучува хронолошки!?! (како што, патем речено, се изучува секаде во светот) туку да се учела заедно со географијата и со некакво си граѓанско образование. А всушност станува збор за итроманско намалување на историски содржини со објаснување за неопходно поврзување со географијата. Творците на овој план слушнале или, пак, прочитале за некаква поврзаност на историјата со географијата, ама очигледно не дослушнале, а уште помалку разбрале”, вели Проева која смета дека творците на концептот веројатно наслушнале за дисциплината „историска географија“, којашто се занимава со географските и климатски одлики и белези на релјефот, коишто пак ги условуваат економијата, начинот на живот, поврзаноста на областите односно на народите, а со тоа нивната меѓусебна соработка, блискост или спротивставеност итн.
“Оваа дисциплина е сосема различна од физичката географија, којашто се занимава со составот на карпите, минералите, почвата итн. Токму затоа на многу факултети има предмет Историска географија, но не и кај нас, иако на времето, на Педагошката академија, имаше двопредметна насока Историја со географија токму за одделенските и предметните наставници. И целиот овој карамбол од општествени и хуманистички науки, каде што ги ставија и религијата и етиката, го нарекоа општествени науки!?! И не само тоа туку додадоа и некаква си општествена историја?!?! Простете за моето незнаење, ама јас првпат слушам за ваков предмет или дисциплина. Не знам, и не верувам дека мислат на општествените уредувања што се создавале и надградувале во текот на историските процеси”, вели меѓу другото професорката во својата колумна за Нова Македонија.
Целиот текст на овој ЛИНК