НАТО испратила разузнавачка нота до своите земји-членки во која предупредува на мобилизација на руската нуклеарна подморница „К-329 Белгород“, носач на нуклеарната ракета Посејдон, позната и како ,,Оружје на апокалипсата”. Оваа вест повеќе медиуми ја пренесуваат цитирајќи извештај на италијанскиот весник „Ла Република“.

Новата подморница била лансирана во јули и сега според најавите би била активирана во водите на Арктикот. Нејзината активност според различни неофицијални извори се случува за време на саботажата на гасоводите „Северен тек“.

НАТО стравува дека неговата мисија сега е да изврши тест на суперторпедото Посејдон, проектил способен да помине до 10.000 километри под вода, а потоа да експлодира во близина на брегот и да предизвика радиоактивно цунами, пишуваат медиумите.

Нуклеарното торпедо беше претставено во 2018 година од Русија како начин да се обезбеди руска воена надмоќ, иако нуклеарните експерти тврдат дека истиот ефект може да се постигне со интерконтинентална ракета како оние што се во функција од 1960-тите.

Соединетите Американски Држави ја активираа сателитската мрежа за следење на торпедата што ја искористува големата топлина што ја испуштаат проектилите кога се активираат. Но, тие не се во можност да ги откријат под морето.

„Белгород“ е долг 184 метри и широк 15 метри и може да се движи со околу 60 километри на час под вода. Се проценува дека може да помине и до 120 дена без да мора да се врати на површината.

Меѓу својот арсенал го има суперторпедото Посејдон, проектил од 24 метри со капацитет да носи нуклеарна боева глава од околу два мегатони. „Тоа е сосема нов тип на оружје што ќе ги принуди западните морнарици да го променат своето планирање и да развијат нови контрамерки“, истакна експертот Х.А. Сатон, според „Ла Република“, пренесуваат повеќе медиуми.