„Ве молам Забрчанец, утре земете го мојот дневник, секако и мојата месечна плата од едвај 23.000 ден и влезете во мојата училница на час (…) Една добронамерна сугестија која ќе Ви биде од корист…спремете се добро за многу мудри прашања од тие мали главчиња господине Забрчанец. Може да Ве прашаат незгодни прашања како… „А зошто Вие професоре не се борите за своите права?“.
Ова е дел од отворено писмо од Симона Петковска Илиеска, професор по филозофија и наставник по Етика и Граѓанско образование во Основото училиште „Владо Тасевски“ во општина Карпо, до советникот во Владата марјан Забрчанец кој на Фејсбук постави прашање зошто штрајкуваат наставниците.
„Како просветен работник засегнат за иднината на ова, можеби најважно прашање за иднината на оваа земја особено ме заинтригира ставот на портпаролот на Владата, Маријан Забрчанец.
Го читам како се прашува… „која била причината децата да страдаат“ (мислејќи при тоа на штрајкот на првиот училишен ден), „додека растат платите во образованието“.
Да му одговорам, истовремено размислувајќи дали го читам Протогер од пред неколку години или оној млад полетен борец за граѓански права.
Господине Забрчанец, децата нема да страдаат ако видат дека нивните професори се борат за своите права и од тоа ќе научат многу повеќе за себе, демократијата и граѓанскиот активизам, отколку било кога на предавање во училница. Но имам еден предлог за Вас.
Ве молам Забрчанец, утре земете го мојот дневник, секако и мојата месечна плата од едвај 23.000 ден и влезете во мојата училница на час по Граѓанско образование или можеби Етика ако Ви е помило.
Би сакала да се чувствувате достоинствено и на моите екстра паметни ученици да им го објасните правото на штрајк кое е Уставно загарантирано и толку моќно и важно, што никој не смее да се дрзне да им го одземе. Пробајте да ги научите на важноста и моќта на синдикализмот во борбата за работнички права.
Една добронамерна сугестија која ќе Ви биде од корист…спремете се добро за многу мудри прашања од тие мали главчиња господине Забрчанец. Може да Ве прашаат незгодни прашања како… „А зошто Вие професоре не се борите за своите права?“.
Размислете што би им одговориле.
Можете да им предавате и медиумска култура, ако тоа ви е поголем фах. Објаснете им што е тоа релативизирање и при тоа посочете го Вашиот пост на ФБ како пример за тоа. Навистина која е причината за штрајк во образованието при постојан раст на платите, кои патем се далеку под републичкиот просек.
(П.С: Интернетот во училница ми е слаб. Не знам дали ќе можете да го направите часот поинтересен за децата со внесување некоја ИКТ содржина во Вашето предавање)
Сите влади досега, го урнисавте образованието до степен на непрепознатливост, а требаше да ви биде прв приоритет.
Ќе бидеме на дното се додека политиката не ја тргнете надвор од училиштата и додека не кажете „Благодарам учителу, јас сум тоа што сум благодарение на Вас“.
Дотогаш Забрчанец Ви посакувам успешно реализиран час.
Извор: ИРЛ