Наспроти падот од 38 отсто на буџетските приходи во Македонија, Србија во плус!

Еден ден откако директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, соопшти дека приходите во буџетската каса на Македонија во првите две недели од април се намалени за 38,15 проценти, Србија се пофали со натфрлување!

При слични услови за стопанисување и уште послични мерки за справување со епидемијата на Ковид-19, пред сè во однос на полицискиот час, северниот сосед до средината од месецов собрал повеќе пари во државната каса од планираното, извести министерот за финансии Синиша Мали.

„Ние вчера (15 април – н.з.) во проекцијата на нашите приходи имавме план за 33,8 милијарди динари разни даночни приходи, влезен ДДВ, данок на доход на граѓаните, а наплативме 34,5 милијарди динари. Значи, малку подобро од она што го планиравме“, изјави тој.

Министерот очекува намалени приходи од даноци и придонеси до крајот на април и во мај поради одложувањето на нивната наплата за целокупниот приватен сектор, но очекува пакетот економски мерки во вкупен износ од пет милијарди евра да го амортизира ударот.

„Од таа страна очекуваме намалени приходи во наредниот период, но без грижа дали тоа ќе влијае на нашата ликвидност“, уверува Мали, додавајќи дека не се откажуваат ни од програмата „Србија 2025“, која предвидува инвестирање 14 милијарди евра во следните пет години во инфраструктурата, во изградбата на станови и за поддршка на младите, во образованието итн.