Дури и во честитката за верскиот и државен празник Свети Климент Охридски премиерот Зоран Заев не пропушти да ја промовира „Северна“, овојпат како „нашата убава држава“.

„Во мое лично име и во името на Владата на Република Северна Македонија, до сите православни верници и до Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, упатувам честитки по повод големиот христијански празник – Св. Климент Охридски, основоположник на македонската духовност и патрон на МПЦ – ОА.

Како еден од најблиските и најревносните соработници и учесници во мисијата на светите браќа Кирил и Методиј во Моравија за описменување на словенските народи, останал доследен на обврската што ја чувствувал да ги продолжи мисијата и делото на неговите учители преку продлабочување и унапредување на духовната и просветната дејност.

Свети Климент, како голем човек и силна личност, е жив паметник на нашата историја и како основач на Охридската школа, позната и како ‘прв балкански и европски универзитет’. Записите велат дека низ оваа школа минале околу 3.500 ученици. Тоа е импозантен број за тогашните, а секако и за денешните времиња.

Тоа сведочи и за исклучителните организациски, но и обединувачки способности на светиот учител од Охрид во духот на христијанското заедништво.

Со Свети Климент Охридски се поврзани и почетоците на македонската писменост и јазик и затоа по него денес се именувани универзитети, факултети, училишта.

Нека е честит големиот празник во чест на Св. Климент Охридски. Сите да сме здрави, спокојни и паметни и да нѐ крепи неговото дело кога ги градиме духовните вредности, како темелни вредности на оваа и на сите генерации кои го даваат својот придонес во изградбата на толерантно и демократско општество за сите во нашата убава држава, Република Северна Македонија“, стои во честитката од Заев.