Промени во задолжителната резерва за натамошна поддршка на денаризацијата и зголемување на каматните стапки за 0,15 процентни поени. Ваква одлука донесе Советот на Народна банка кој се состана на 19 септември 2023 година, објави Фактор. Притоа беше одржана и редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Соодветно на тековните економски и финансиски услови, на седницата на Советот беше донесена Одлуката за зголемување на стапката на издвојување задолжителна резерва во девизи, како натамошна поддршка на процесот на денаризација. Воедно, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,15 п.п. до нивото од 6,30 отсто. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,15 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 4,20 проценти и 4,25 отсто, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари – појаснуваат од НБ во соопштението.


Дополнуваат дека, за зајакнување на досегашните позитивни ефекти врз валутната структура на штедењето, како и за поддршка на процесот на монетарна трансмисија, Советот на Народната банка донесе одлука за дополнително зголемување на стапката на задолжителна резерва на девизните обврски на банките од 20 на 21 процент, а зголемен е и процентот на одржување на задолжителната резерва од обврските во странска валута којашто се исполнува во евра, од 80 на 81 отсто. 

Овие измени ќе се применуваат од 20 декември 2023 година. Измените во задолжителната резерва, заедно со макропрудентните мерки преземени досега, ќе придонесат за зајакнување на системската отпорност и претставуваат дополнителна поддршка на монетарните промени. Монетарното затегнување започна од крајот на 2021 година, прво преку интервенциите на девизниот пазар и оптималното управување со ликвидноста, а потоа од април минатата година и со зголемувањето на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти. Повеќе на Фактор.мк.