Пишува: Свето Тоевски

Тешкиот инцидент во Егејска Македонија, во северна Грција, обидот за тепање на архимандритот Никодим Царкњас, 81-годишниот духовен водач на Македонците во овој дел на некогашна етничка Македонија, и натаму наидува на молк во Република Македонија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи не реагира со ништо, иако Македон –  Сојузот на здруженијата на Македонци од Егејскиот дел на Македонија веќе побара македонското Министерство за надворешни работи да испрати нота до Министерството за надворешни работи во Атина, поради физичкиот напад врз Царкњас и поради „повреда на правата и слободите на Македонците во Егејскиот дел на Македонија.“

Неприфатливиот „преспански молк“ на министерот Бујар Османи

Но, Бујар Османи „преспански молчи“ во врска со обидот за тепање на Царкњас, без оглед што најдиректно кажано тоа е напад и врз македонското национално битие во Егејска Македонија, врз сите домородни Македонци во северна Грција, кои живеат под страв за своите животи, без право да го употребуваат својот мајчин македонски јазик и без право да имаат своја македонска црква со проповед на јазикот на своите претци.

Сојузот Македон посебно укажува дека архимандритот Царкњас бил вербално малтретиран „затоа што се изјаснува како Македонец“ и оти „зачестените напади врз архимандритот Никодим Царкњас се поради изградбата на македонската православна црква ‘Света Злата Мегленска’во С’ботско, Воденско, чие осветување се очекува годинава.“

Во својата остра реакција Сојузот МАКЕДОН им упати искрена поддршка на архимандритот Царкњас и на сите Македонци во Егејскиот дел на Македонија и во цела Грција, нагласувајќи ги своите „барања за унапредување на нивната положба и права и заштита на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет, наследство и простор“.

Овој Сојуз нагласува: „Македонците беа активни борци и во народноослободителната војска на Грција (ЕЛАС) против германските, италијанските и бугарските фашистички окупатори за време на Втората светска војна, заедно со грчките партизани ги поразија грчките монархо-фашисти. Тие се бореа активно и масовно и за време на Граѓанската војна во Грција во Демократската армија на Грција (ДАГ) против грчките монархо-фашисти! Ја алармираме грчката и европската демократска јавност и институции да пружат активен отпор и преземат превентивни и казнени мерки против носителите на повампирениот фашизам во Елада!“

Министерот Бујар Османи воопшто не се грижи за животот и правата на Македонците во Грција, еднакво и во Бугарија, туку многу повеќе има грижа и страв да не го „искараат“ „носителите на повампирениот фашизам во „Елада“, како што вели Сојузот Македон, но и носителите на повампирениот великобугарски врховизам и фашизам. Османи нималку не брза да се огласи со ниеден збор околу инцидентот со Царкњас, но, од друга страна, тој најбргу можно му упати честитка на неговиот бугарски колега по повод 3 март, националниот празник на Бугарија, односно денот кога со „Договорот од Сан Стефано“ во 1878 година Бугарија ја добила и ја окупирала Македонија, владеејќи со неа се до Берлинскиот конгрес.

Бујар Османи и во оваа пригода посочи на некаков си „дух на европските вредности и добрососедството“, но му останува обврската да изреагира кон Грција во врска со нападот врз Царкњас и Македонците во Егејска Македонија, за која тепањето на македонските свештеници е можеби „во духот на европските вредности и добрососедството“.

Дали Синодот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија молчи околу нападот врз отец Царкњас, плашејќи се да не им избега од рацете „Вселенскиот томос за автокефалноста“ за „новата Православна црква на *Македонија“?

Специфично гледано, можеби уште подиректна обврска има и Синодот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија да го осуди овој нечовечки и антимакедонски чин и да застане во одбрана на македонскиот архимандрит Царкњас и на правото на Македонците во Егејска Македонија да имаат право на црковни богослужби на македонски јазик.

Но, се наметнува прашањето: дали македонските владици ќе одберат и тие да молчат како Бујар Османи,  плашејќи се дека нема да го добијат од цариградскиот патријарх Вартоломеј „Вселенскиот томос за признавање на автокефалноста на Православната црква на * Македонија“, во кој нема да има никаква македонска идентификација, ниту потврда на илјадалетниот континуитет на  Македонската православна црква, како наследничка и продолжителка на Охридската Архиепископија?

Прашање е и зошто се уште не се огласуваат ниту македонските политички партии од Република Македонија во врска со загрозувањето на животот на архимандритот Царкњас во С’ботско, Воденско? Дали се плашат дека и Грција ќе стави „добрососедско вето“ на „ветер и магла“ – европската „евроинтеграција“ како што се заканува постојано хегемонистичка Софија кон  Република Македонија?

Од ден на ден има се повеќе и повеќе има примери и потврди дека ниту „Бугарскиот“ ниту „Преспанскиот договор“ не подобриле било што во заемните односи меѓу Македонија и Бугарија и Грција, туку напротив оти ги охрабриле нападите и заплашувањата на Македонците во овие две држави, дека уште повеќе се зголемени негирањата на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик и историја.

Грција се подготвува да го поништи првостепеното судско решение за регистрација на Центарот за македонски јазик во Лерин, повикувајќи се на Преспанскиот договор дека „македонски јазик постои само во рамките на границите“ на Република Македонија. За Бугарите македонски јазик воопшто не постои, туку е само „дијалектна норма на бугарскиот јазик“.

За Македонија и нејзината територија се води вистинска специјална воена операција

Врвни генерали и воени експерти на водечки светски армии и држави веќе имаат укажано дека денес борбата за освојување и контролирање туѓи територии не се води повеќе само со класични воени операции, со тенкови, авиони и со муниција, туку и со практикување најразлични концепти и методи, со кибернетичка и информациска војна, со специјална војна… „Преспанскиот“ и „Бугарскиот договор“ се токму метода на вистинска специјална воена операција против Македонија и во Македонија, за уништување на македонската држава и на Македонците како народ, по што би уследила нова завршна поделба на територијата на Република Македонија, што беше започнато и недовршено со Букурешкиот договор во 1913 година.

Дрско игнорирајќи го актот што дури 80 отсто од Македонците се противат на промени на Уставот, за да се внесе во него „државотворниот бугарски народ“, потпретседателот на СДС Богоев најавува „почеток на широка јавна расправа околу уставните амандмани, со пратениците и со стручната фела, да им се објасни на граѓаните, што значи тоа, да им се објасни дека тоа значи делови од народи, дел од Бугарите да бидат застапени во Уставот“. Исто толку дрско овој млад човек, кој нема поим ниту за политика, ниту за тоа што значат Македонија и македонизмот, најавува дури и дека во „во мај би започнала процедурата за уставните измени во Собранието.“

Веројатно уште подрско министерот Бујар Османи ја игнорира суверената политичка волја на македонскиот народ да не се гиба воопшто во Уставот, туку повикува на некаков „надпартиски консензус, да се остават интересите на дневната политика“ и да се „внесе бугарското малцинство во Уставот, што е важно оти дава насока како ќе се постават македонско-бугарските односи долгорочно во иднина“. За шефот на македонската дипломатија тоа е дури и „решение како мнозинскиот македонски народ и малцинската бугарска заедница да имаат  нормален соживот во * Македонија“.

Министре Османи, зошто најпрво не понудите „решение“ како да се внесат Македонците во уставите на Бугарија и на Грција, како да се постигне „нормален соживот“ на Македонците со Бугарите во Бугарија, како да се постигне „нормален соживот“ на Македонците и со Грците во Грција, за да не бидат тепани, омаловажувани? За да не бидат негирани нивните основни човекови права за самопределување, како неделив дел на македонскиот народ, кој има право да зборува на свој мајчин македонски јазик?

Во служба на специјалната воена операција за загосподарување со македонската територија и за нејзина поделба преку двата „добрососедски договора“ се вклучуваат и албанските политички партии со нивните заложби за формирање „Асоцијација на албанските општини“ во Македонија. Алтернатива, Алијансата за Албанците и другите партии како своевидна „албанска јуришна пешадија“ на великобугарскиот врховизам и хегемонизам ги поддржуваат намерите за промена на македонскиот устав, гледајќи и свои политички мотиви и интереси во тоа.

Останува сега на македонските политички партии дали и како ќе се позиционираат натаму околу конечното оневозможување и разбивање на упорните обиди за промена на Уставот, со што Република Македонија и идентитетот на македонскиот народ, што би доживеале смртоносен удар.

Преку интервјуто дадено за „Експрес“ професорот Томе Батковски упати повик до „водечките македонски политички партии да постигнат консензус во однос на државните и националните приоритети, врз основа на единствена политичка платформа, заснована врз придобивките од Илинден и АСНОМ, заради одбраната на македонската држава и македонската нација од агресивните намери на странските националистичко-шовинистички сили, имајќи предвид и дека Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија се геноцид врз Македонците.“

Професорот Батковски предупредува дека „заштитата на македонското национално малцинство во Бугарија, Албанија и Грција и пошироко во светот треба да биде еден од приоритетите на македонската држава“. Според него, „преку координиран и синхронизиран настап на своите институции Македонија треба да го крене ова прашање на највисоко рамниште на меѓународен план и да бара поддршка и партнери во изнаоѓањето праведно и правно решение за македонското национално малцинство“.

Укинувањето на „Бугарскиот“ и „Преспанскиот договор“ и замена на овие геноцидни акти со резолуција во македонскиот Парламент за вистински добрососедски односи треба да биде појдовна рамка, со која Република Македонија ќе се стреми да не се повторуваат антимакедонските сценарија на Балканот, чиј дел е и инцидентот со македонскиот архимандрит Никодим Царкњас во С’ботско, Воденско, во Егејска Македонија, во Грција.