Наместо дијалог со народот, монолог на власта сама со себе – пишува Свето Тоевски

Во Република Македонија не постои демократија, постои илузорна „демократија“, тој термин го има само во устите на политичарите од власта. По повод денешниот 15 – ти септември, Меѓународниот ден на демократијата, македонскиот премиер Заев кажа дека „демократијата е двонасочен дијалог меѓу граѓаните во општеството, која се гради врз еднаквоста на сите“. Во Македонија не постои двонасочен дијалог меѓу граѓаните, ниту нивна еднаквост. „Наједнакви“ се оние со најмногу политичка моќ и оние што имаат најмногу пари во џепот – а не е важно како ги спечалиле… Во Македонија нема двонасочен дијалог на власта со граѓаните, постои единствено монолог на власта сама со себе. Постои целосна оддалеченост и отуѓеност од власта и тоа на сите три нејзини рамништа: и извршната, и законодавната и судската власт.

Трагедијата во тетовската така наречена „ковид – болница“ најдобро покажува овие неколку дена колку власта, Владата, Парламентот и институциите на правдата (не) ги почитуваат болката на починатите во болницата, ниту барањата нивни и на најшироката општествено – политичка јавност во Македонија да се утврди јасно чија и колкава одговорност имало во оваа човечка катастрофа и катастрофа на самата држава.

„Демократијата доаѓа од народот, за да му служи на народот“ – напиша претседателот на Владата Заев на својот фејсбук – профил. Не, во Македонија сега демократијата не доаѓа воопшто од народот, ниту му служи на народот. И ајде да бидеме конкретни и прецизни: во Македонија постои она што во политичките науки се означува како „консоцијативна демократија“, или народски појасно кажано „договорна демократија“, инсталирана со Охридскиот рамковен договор. Ова нема врска со демократијата и тоа се сведува само на пазарења и договори меѓу политичките елити на македонскиот и албанскиот етникум, кои во дадениот момент ја имаат извршната власт во свои раце.

Договорната демократија вклучува во себе „етнички клучеви“, право на вета, она што во актуелната извршна власт во Македонија функционира како „врзани потписи“ на директорот и неговиот заменик во одредена државна институција, на премиерот и неговиот заменик. Последиците од оваа „демократија“ се дисфункционална власт, дисфункционален политички систем и дисфункционална држава, која често е парализирана во своите нормални активности, бидејќи сето тоа одлучува од етничко – политичките агенди на овие, или оние поглавари на етничките племиња (читај: етнички заедници).

Ако сакате да видите што е тоа демократија и како таа функционира, погледнете во скандинавските држави – Норвешка, Данска, Шведска и во некои други развиени држави, па ќе видите колку политичарите во Владата во тие земји стравуваат од реакциите и гневот на народот, од критиките на јавноста, и тогаш направете споредба со состојбата во Македонија. Во Македонија сега не постои партиципативна демократија, владеење на народот, не постојат демократски механизми за контрола и ограничување на власта, моќта на политичарите, за нивна смена и пред завршувањето на мандатот.

„Фридом Хаус“ ја рангира Македонија како ‘држава со делумна слобода“ во својот извештај за 2021 година и ги нагласува, покрај другите, и следниве карактеристики на „демократскиот амбиент“ во Македонија годинава: „Новинарите и активистите се соочуваат со притисоци и застрашувања. Раширена е неказнивоста на корумпираните владини официјални личности, вклучувајќи ги и членовите на Парламентот и на правосудството. Продолжуваат да се појавуваат сериозни скандали со корупцијата и јавните набавки. Правата на правилна постапка и натаму се компромитирани од корупцијата и ‘покровителството’ врз правосудниот систем, во кој јавноста има мала доверба. Останува проблем политичкото мешање во работата на обвинителите. Постои селективна примена на правдата, иако Владата спроведе некои реформи наменети за да се подобри ова прашање.“

Насилничкото туркање на божемните реформи во образовниот систем без да се испочитуваат причините на жестоките реакции во целата држава, донесувањето закони без речиси никакво учество на граѓаните во процесот на нивното осмислување и усвојување во Парламентот, немањето слух за критиките на разни невладини организации, на граѓаните, на јавноста, расипничкото трошење на парите од државниот буџет, сето тоа се само дел од показателите колку ја има и колку се практикува демократијата во Македонија.

Сево ова е основата угледниот „Економист“ да констатира уште во февруари годинава дека „со Македонија владее хибриден режим“. Со толку многу уназадени показатели на демократијата, на правата и слободите на граѓаните, на начинот на управување со државата, покрај вакво и олкаво идентитетско девалвирање на позицијата и перспективите на македонскиот народ, на кого му се газат основните човекови и национални права на самоидентификација и на слободен живот во сопствената држава, ќе бидат потребни многу напори и време да се дојде барем до првата буква „Д“ од зборот „демократија“ во Македонија. Во меѓувреме граѓаните и особено младите ќе продолжат со своето стампедо и бегање од оваа „демократска оаза среде Балканот“ во правец кон оние држави каде што многу повеќе грее „сонцето на демократијата“.