Пишува: М-р Свето Тоевски
Претседателот Стево Пендаровски во Собранието „порача“ дека е „насушно потребна правна и политичка процедура за промена на Уставот, бидејќи впишувањето на Бугарите во Уставот на ниеден начин не го урива македонскиот идентитет“. Со овој став Пендаровски конечно потврди дека апсолутно не е достоен за позицијата претседател на државата Македонија, бидејќи целосно нема поим за политичко лидерство, ниту за теорија и пракса на држава. Најмалку е свесен што би значеле уставните промени и „вдомувањето“ на Бугарите како „државотворен народ во Македонија“ во Уставот.
Со внесувањето како „државотворни народи“ во Уставот Бугарите и Албанците ќе здобијат и меѓународно право на самоопределување до отцепување
Пендаровски не е македонски претседател на оваа држава, бидејќи не се бори и не ги штити државно-националните интереси на македонската нација, туку е сервилен вазал на ЕУ и другите меѓународни центри на глобалната политичката моќ. Тој им слугува ним, на нивните интереси и на нивната антимакедонска политика. Пендаровски воопшто нема државничка свест дека впишувањето на Бугарите како “државотворен народ“ во македонскиот Устав најдиректно ќе значи дека по автоматизам, согласно со меѓународното право, тие ќе здобијат право и на самоопределување се до сецесија, отцепување на „својот „бугарски дел“ од македонската територија. Ова би се однесувало и за Албанците, ако и тие се означат како „државотворен народ“ во Уставот, според барањето на Ахмети и на ДУИ, како и на сите други албански партии-потписнички на „Тиранската платформа“ од 2016 година.
Ако би се случиле уставни промени, тогаш бугарската и албанската државотворна агенда, внесени во македонскиот Устав, неодбежно би дошле во судир со македонската државотворна агенда, со државотворноста на македонскиот народ, кој е поправо единствениот државотворен народ во оваа држава. Тогаш би се повторила ситуацијата од 1941 година, кога со „амин“ на Хитлер и Мусолини Бугарите го „ослободија“ својот дел од Македонија, а Албанците „својот“, западен дел на Македонија. Дали универзитетскиот професор и државен претседател Пендаровски е запознат со оваа поблиска историја на својот народ? Или можеби ја знае, но по налог на неговите меѓународни наредбодавци-ментори свесно замижува пред апокалиптичната опасност дека може да биде расцепена и да биде приграбена територијата на државата, на која би и бил последниот претседател во нејзината историја?
Македонија се наоѓа сега во ситуација пак како во 1913 година: пред нова можна делба и приграбување на нејзината територија
Македонија во овие моменти се наоѓа во идентична ситуација, како во 1913 година: тогаш со геноцидниот „Букурешки договор“ трагично беше распарчена интегралната етнојазична македонска територија, цинично од македонските душмани наречена „Географски регион Македонија“. Националното тело на македонскиот народ беше осакатено и се најде како малцинства во четири балкански држави. Врз основа на, исто така, геноцидниот „Преспански“ и „Бугарски договор“, двата како „Букурешки договор“ број 2, со уставните измени би можел да се дораспарчи и да се приграби и овој преостанат, вардарски дел на некогашната интегрална Македонија.
Во Украина беа спроведени референдуми на неколку области и тие беа припоени кон Руската федерација. Косово е на работ на избувнување вистински оружен судир меѓу тамошните Албанци и Србија. Меѓународната заедница инсистира на „заемно признавање меѓу Косово и Србија како две независни држави“ и на создавање „Заедница на српските општини“, која Албанците ја доживуваат како „српска држава во Косово“. Случувањата во Украина и Косово се непобитен доказ дека во светот, а особено во Европа, не важи повеќе принципот на неменување на границите и оти секое етничко малцинство во која било држава би можело да се прогласи како „државотворен народ“ во регионот, во кој живее во односната држава. Јасно ли е од ова зошто не смее никој ниту да помисли, ако камоли да си дозволи да гласа за внесување на Бугарите во Уставот?!
Хенри Кисинџер, еден од најважните дипломати и визионери на американската надворешна политика во 20 и 21 век, деновиве, на прагот на својата 100-та година изнесе план за стивнување на војната во Украина на начин, кој мора најитно да ги покрене на длабоко размислување сите македонски политички сили, кои планираат да го преземат водењето на внатрешната и надворешната политика на Македонија по падот на оваа Влада. Како државник Кисинџер има огромно влијание и врз сегашната надворешна политика на САД.
По уставните измени би можеле да уследат бугарски и албански референдуми и прогласување нови државни единици во Македонија, која ќе ја снема
Кисинџер предложува да биде применет меѓународниот принцип на самоопределување, заради решавањето на војната во Украина. Тоа значи дека можеби, или веројатно, меѓународно би се признале резултататите од референдумите во рускоговорните региони во Украина, сега приклучени кон Русија. Овој принцип би можел да биде применет и во случајот со Македонија. Ако здобијат Бугарите државотворност со Уставот, би можеле да одржат свој бугарски референдум, или да да посегнат по друг начин, за да да ја конституираат потоа втората бугарска држава на Балканот. Албанците веќе имаат свој референдум за политичко-територијална автономија од 1991 година и би можеле и да ја конституираат својата трета држава на Балканот. Македонците би се нашле во ситуација да немаат ниедна држава, да ја изгубат и Македонија.
Според најновата сондажа на јавното мислење, ВМРО ДПМНЕ ја има во моментов најголемата доверба од страна на македонскиот народ. Токму затоа, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски, Извршниот и Централниот комитет на оваа партија се најповикани да пристапат веднаш кон осмислување на новата позиција на Македонија во новиот светски поредок, а посебно во новата европска политичко-безбедносна архитектура. ВМРО ДПМНЕ треба конечно да заземе целосно нов курс во своите политички активности и да формулира промакедонска државна стратегија за македонската иднина во наредните години. ВМРО ДПМНЕ мора да го согледа и да го вгради во своите програмски документи фактот дека „европската перспектива е мртва“.
Португалскиот премиер Кошта и порача на ЕУ „да не им ги подгрева очекувањата на земјите од Западниот Балкан за членство“, бидејќи „не може повеќе да прима нови членки“. Аналитичарот на водечкиот германски весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ Михаел Мартенс, кој има пристап до Брисел и е еден од најдобрите познавачи на проширувањето на ЕУ, индиректно ги предупреди и Македонците дека „нивната ЕУ-перспектива е мртва“ „дури и да го променат Уставот, заради влез на Бугарите“. Во својата студија со наслов „Колапс: Европа по Европската Унија“ од април 2019 година д-р Јан Кернс укажа: „Постојат шест конкретни сценарија, кои би можеле да доведат до колапс на Европската унија со шокантни и премногу веродостојни детали. Колапсот се однесува на катастрофалните економски, политички и геополитички случувања, кои веројатно ќе следат, ако се случат овие, или други сценарија.“
Спроведувајќи неопходни „објаснувачки активности“ во амбасадите во Скопје и директно во раководствата на европските и другите западни држави, особено со САД, најголемата македонска опозициска партија, сепак, ја има приоритетната обврска да застане непоколебливо до својот македонски народ, на кој ЕУ му е згасена и омразена. Оттука, ВМРО ДПМНЕ не треба да пропагира натаму „европски вредности“, бидејќи тие не постојат повеќе. Благодарејќи на самата ЕУ, Македонија стана „гробје на европските идеали и вредности“. Секое однесување на ВМРО ДПМНЕ спротивно на она, што го бара македонскиот народ, може да доведе до пад на довербата и до опасност оваа партија да освои и помалку од 60 пратеници на извесните предвремени парламентарни избори, та да не може самата да ја формира новата извршната власт. Почитувајќи ја политичката волја на македонскиот народ, ВМРО ДПМНЕ треба да се стреми не кон 61, туку кон 81 пратенички мандати.
Промоцијата на слободата на сите луѓе, насекаде, не само на Американците, треба да доминира во американската надворешна политика, согласно со Декларацијата за независноста на САД од 1776 година
Во своето научно дело „Основачите на Америка и принципите на надворешната политика: суверена независност, национални интереси и причина за слободата во светот“ од 2010 година Метју Спалдинг, професор по уставно владеење во Хилсдејл Колеџот во Вашингтон, САД, потсетува дека „според Декларацијата за независноста на САД од 4 јули 1776 година, сите луѓе – не само Американците – имаат право на слобода“ и потоа заклучува: „Поради тоа промоцијата на слободата секогаш била и би требала да биде доминантна тема на американската надворешна политика. Во својот прв инаугурален говор од 4 март 1801 година Томас Џеферсон, еден од основачите на Соединетите Американски Држави и нивен трет претседател, се заложи за ‘зачувувањето на светиот оган на слободата…“
Затоа, амбасадорката на САД Ангела Агелер и секој друг американски дипломат и државник мора да го почитуваат и во случајот со Македонија правото на слобода како еден од клучните принципи на американскиот Устав, што го бара сега и македонскиот народ: да не му се вршат било чии притисоци да се менува Уставот на државата Македонија. Американците треба да ја почитуваат вонвременската порака на нивниот државотворец Томас Џеферсон да се „чува светиот оган на слободата“. Имаат и Македонците право да бидат почитувано, согласно и со меѓународните принципи, правото да имаат свој идентитет и национално самоопределување како Македонци, со свој македонски јазик и со своја сопствена и автентична национална историја. Права, кои им ги негира и се обидува преку уставните измени да им ги уништи и Бугарија.
ВМРО ДПМНЕ ја има историската одговорност да ја тргне македонската држава настрана од „линијата на огнот“ меѓу Американците и Русите и Кинезите, како што тоа го велеше поранешниот американски државен секретар Џон Кери. Македонија мора да биде тргната настрана од можната „линија на огнот“ и меѓу Србите и Албанците, со неутрално одбегнување да се зазема било чија позиција, мудро и претпазливо да се остваруваат само македонските државно-национални интереси, односно интересите на сите граѓани на Македонија.
„Борбата против корупцијата и криминалот“ како „чадна завеса“ да се прикријат уставните измени, заради кои „меѓународниот булдожер“ се вклучува на најсилно
Откако се крена вревата за наводната „борба против организираниот криминал и корупцијата“, како „чадна завеса“ за да се прикријат уставните измени, сега се најавува доаѓање и на германскиот канцелар Олаф Шолц и на францускиот претседател Емануел Макрон. Oваа налудничава пробугарска Влада повикува највисоки меѓународни државници и дипломати, трескавично мислејќи како да стаса до 80-те пратеници, потребни за промената на Уставот, не грижејќи се воопшто за распадот на државата, што би уследил по отворањето на „уставната бездна“. „Меѓународниот булдожер“ за дробење на отпорот на македонскиот народ против менувањето на Уставот се вклучува на најсилно. Ако треба, Владата ќе ги повика и папата Франциско од Ватикан и Далај Ламата од Тибет, само за да се успее Македонците да бидат клекнати на колена.
Германскиот претседател Штајнмаер, шефицата на ЕУ Урсула Лаен, разните европски емисари, дипломатите од САД и сите други меѓународни претставници вршат и ќе продолжат да вршат ваков жесток притисок за менување на највисокиот правно-политички акт на Македонија, затоа што тие, поправо, не се мешаат во ничии внатрешни работи: на оваа територија повеќе не постои држава! Заврши „употребната вредност“ на „северна“, како на привид од држава. Странците сега се во натпревар, а пред се Бугарите, кој ќе ја преземе оваа територија на вардарска Македонија, или кој ќе оствари врз неа доминантно влијание пред „малигните влијанија на Русите и Кинезите“.
ВМРО ДПМНЕ мора да го обесмисли било чие натамошно доаѓање, заради вршење притисок да се менува Уставот. Оваа партија мора да го оневозможи менувањето на Уставот на Македонија според ултиматумите и уцените на бугарскиот нововрховистички шовинизам и хегемонизам. Таа мора да преземе се ниеден нејзин пратеник да не стане дел од потребното двотретинско мнозинство за менување на Уставот, по цена на уцени, купувања, притисоци или какви било други „убедувачки методи“, применети како со спроведувањето на „преспанското сценарио.
Колку и што ќе дозволите да ви прават странците, тие тоа и ќе ви го прават, така и ќе се однесуваат кон Македонците. Сиот свет и цела Европа „вријат“, се е во општа турбуленција, па затоа е време и македонската нација да се крене на нозе и да си ја преземе својата судбина во свои раце.