Најнов декрет на Бајден: Сите кои нема да го почитуваат Преспанскиот договор ќе се најдат на црната листа

Во најновиот декрет на американскиот претседател Џо Бајден се вели дека сите кои нема да ги почитуваат точките од Преспанскиот и Охридскиот рамковен договор ќе се најдат на црната листа, бидејќи работат против клучните договори од регионот на Западен Балкан, меѓу кои се и Дејтонскиот договор и Резолуцијата 1244 на ООН.

„Извршна наредба за блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуваат кон дестабилизација на состојбата на Западниот Балкан“, гласи потпишаниот документ од страна на Бајден, во кој се наведува дека важи за оние што директно или индиректно ги нарушуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на земјите од Западниот Балкан, како и секој кој се впушта во акции или политики што ги нарушуваат демократските процеси и институции во регионот.

Претседателот на САД, Џо Бајден со извршната наредба им даде овластување на сојузните власти да блокираат имот и да им забранат влез на лицата што водат кон дестабилизирање на регионот, но конкретни имиња засега не се споменуваат.

Сепак, кај нас започна лицитацијата за кои лица станува збор, односно кој се јавно, барем кај нас, изјавил дека нема да го почитува Преспанскиот договор, кој доведе до промена на уставното име и откочување на евроатлантските интеграции.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е еден од повеќето опозициски политичари што најавуваа ревидирање на Преспанскиот договор.
-Ние имаме против содржината на тој Преспански договор затоа што цврсто веруваме дека на тој начин некој се откажа од македонскиот идентитет. И тоа е мое право како Македонец, да имам различно мислење, затоа што се чувствувам навистина погоден, изјави Мицкоски во гостување на ТВ21.

Уште една македонска парламентарна партија е на ставот дека се залага за поништување на Преспанскиот Договор и бришење на називот „Северна“ од Уставот на земјата.
-Секоја наредна Влада на РМ, согласно Виенската конвенција за договорно право, ќе има правна можност да го раскине, односно еднострано да го поништи овој екстремно штетен и квислиншки т.н. Преспански договор меѓу Коѕијас и Димитров, изјави претседателот на Левица, Димитар Апасиев во интервју за Лидер.мк.

Сличен став за Преспанскиот договор како оној на Мицкоски и Апасиев споделија и други опозиционери, претежно од десницата, но досега никој јавно не го искоментира најновиот декрет на американскиот претседател.
Претходно на црната листа на САД се најде поранешниот албански премиер Сали Бериша, а минатата недела и шестмина бугарски бизнисмени и лица блиски до врвот на поранешната владејачка партија ГЕРБ.