Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров е нов селектор на Македонија, потврди првиот човек на националната ракометна федерација, Живко Мукаетов.

“Сакам да се заблагодарам на претседателот на РФМ и на Управниот Одбор, по што без никакво размислување го прифатив овој голем предизвик за мене. Македонија никогаш не сум ја одбил, така е и овој пат. Пред нас е голема одговорност, работи кои треба заедно да ги направиме и се надевам на една успешна и долгорочна соработка”, истакна Лазаров.

Одлуката била донесена вчера на седница на Управниот одбор, а денеска стаса и официјална потврда од првиот човек на РФМ.

„Имам привилегија да соопшам мошне важна и пријатна вест дека Кирил Лазаров нов селектор на Македонија. Немавме дилеми и тоа го потврдивме со одлука на УО вчера. Лазаров е одличен избор и убедливо најдобар спортист во историјата на нашата земја. Кирил ќе биде селектор една година, се додека ја добие дипломата за мастер-коуч, а потоа планираме четиргодишна соработка“, изјави Мукаетов.

Со своја изјава именувањето на позицијата селектор со задоволство ја прифати и потврди и Лазаров.

Новиот селектор треба дополнително да го објави и списокот со ракометари за квалификациските дуели со Данска во март.