Професорката Мирјана Најчевска „анализира“ неколку делови од интервјуто на министерот за надворешни работи Бујар Османи за БТВ, изненадена меѓу другото од изјавата на министерот дека е уверен дека Х.П. бил претепан поради тоа што бил „Бугарин.

„Што слушам јас во ова интервју:

1. Според новинарот на бугарската телевизија Христијан Пендиков бил бугарски граѓанин, а не македонски. Дали ова значи дека Бугарија веќе ја смета Македонија за дел од својата држава или? И ако е така, што бара нашиот министер за надворешни работи да посетува бугарски граѓанин?

2. За министерот како највисок судски орган и пред завршување на постапката нема осомничени или обвинети, туку сторители.

3. Министерот како највисок судски орган веќе го утврдил мотивот за претепувањето.

4. Министерот како највисок судски орган ни соопшти дека дава верба на она што го кажал Христијан, а не дава верба на тоа што го кажуваат осомничените/обвинетите и сведоците во постапката. И уште ни соопшти дека истрагата сигурно ќе утврди дека нападот бил заради тоа што Христијан се идентификува себе како Бугарин (или е бугарски граѓанин, овде веќе ме изгубија).

5. Министерот (сега во својство на министер за надворешни работи) ни соопшти дека двете држави се пријателски само има една мала група која го киднапира ова пријателство (само пропушти да спомне дека во Бугарија на чело на оваа мала група се Претседателот на државата, Владата, локалните власти , …).

6. Министерот ни соопшти дека треба да се внимава со имињата на клубовите затоа што се повредуваат чувствата на граѓаните, не заради тоа што објективно станува збор за историски личности кои се поврзани со фашистичката окупација на Македонија во време на Втората светска војна.

7. Новинарот ни соопшти дека никој не смее никаде, а посебно не на социјалните мрежи на било каков начин да спомне дека имало бугарски фашистички окупатор во Македонија за време на Втората светска војна. Секое такво спомнување го прави тој човек несоодветен за вршење на неговата функција во некој од заштитните механизми (како што е Комисијата за заштита од дискриминација).

8. Министерот за надворешни работи наместо да ја одбрани претседателката на Комисијата за заштита од дискримионација во Македонија – Бендевска, утврди дека таа со својот ФБ профил (на кој има напишано факт – окупација на Македонија од страна на бугарскиот фашистички окупатор во Втората светска војна) ги повредила чувствата на бугарскиот народ и тие имаат легитимно право да се чувствуваат навредени.

9. Новинарот ни соопшти дека новинарката која известувала од Охрид е коресподент од југо-западна Бугарија. Дали со тоа сака да каже дека Охрид е дел од Југо-западна Бугарија?

10. Министерот инсистира да прекине доаѓањето на бугарски политичари во Македонија кои ќе го негираат идентитетот на еден народ (најверојатно мислеше на Македонците), меѓутоа не спомна дека ваквото негирање треба да престане и на територијата на Бугарија.

11. И секако, како заклучок на емисијата, новинарот не извести дека нема апсолутно никакви провокации кои доаѓаат од страна на Бугарија или бугарските власти“, пишува Најчевска на Фејсбук.