Премиерот Заев, денеска на прес конференција со огромна доза на мистерија од новинарите побара тие да анализираат што се случува меѓу Приштина и Белград.

Не откри што знае тој како премиер, дали на северот од Македонија има опасност од иминентна војна или можност за договор, но со манипулативна дилема за односите меѓу Косово и Србија се обиде да го оправда тоа што го прави неговата влада во Македонија.

Во контекст на уставните измени, за Законот за амнестија и за измените во Кривичниот законик, Заев без да даде било каков аргумент или конкретна информација се префрли на односите меѓу Србија и Косово, порачувајќи дека Владата работи транспарентно и во насока да ја осигура стабилноста на државата.

Во нелогичната и нејасна изјава на македонската јавност индиректно и порача дека ако уставните измени не успеат Македонија ќе се соочи со опасност и можни конфликти.

„Ова го правиме за да успее Македонија, да обезбедиме траен мир и стабилност. Анализирајте малку што е тоа што е на повидок меѓу двајцата наши соседи на северот, меѓу Приштина и Белград. Македонија треба да си ја осигураме. Чесно ги водиме политиките и транспарентно. Критиките знаеме да ги слушнеме и да се корегираме. Тоа е слобода и демократија за која се бориме“, рече Заев на прес конференцијата во Скопје.