Сопственик на една од најголемите фирми во нафтениот бизнис и брат на државната секретарка за финансии го купил порталот НОВА ТВ на познатиот новинар Борјан Јовановски.
Во веста на месецот во медиумскиот бизнис се вели дека бизнисменот Владимир Стајиќ близок до структурите на власта кој беше споменуван и во неколку афери, од нафтениот бизнис се шири во медиумскиот простор со купување на НоваТВ Веб каде долги години работи новинарот Борјан Јовановски.
Ова го објави малку познатиот портал Страна, пренесува Курир.мк.
Бизнисменот Владимир Стајиќ е сопственик на компанија која се занимава со нафтени деривати „Супертрејд“, а под оваа компанија е регистриран и брендот „Гулф оил“.
Според медиумските написи, компанијата на Стајиќ веќе во првата година од владењето на владата на Зоран Заев, добила 5,6 милиони евра од зделки со државата, добивајќи дури 38 тендери со што ги надминал и гигантите Макпетрол, Лук Оил или Пуцко Петрол.
По подолго време ова е прво поместување во медиумскиот бизнис каде Веб Порталите сериозно го загрозуваат влијанието што го имаат традиционалните медиуми како телевизиите, радијата и весниците.
Супертрејд во 2019 година доби милионски договор со Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, се вели во написот во кој не се споменува сумата која фирмата ја платила за преземање на медиумот.