Надежна група за Македонија во фудбалската Лига на нациите

Ерменија, Фарски Острови и Летонија ќе ѝ бидат противници на фудбалската репрезентација на Македонија во групата 4 од дивизијата Ц во новото издание на Лигата на нациите.

Избегнувањето на непосакуваните Шведска и Романија, како и подобриот биланс во меѓусебните дуели со сите три ривала, ги зголемија амбициите на „црвено-жолтите“, чиј селектор Благоја Милевски најави дека целта е првото место.

Во вкупно 11 дуели со Ерменците македонските фудбалери имаат 6 победи, 2 нерешени и 3 пораза. Победа од 1:0 со голот на Бојан Миовски е резултатот од единствениот меч со Фарски Острови, пријателскиот одигран минатиот март во Скопје. Против Летонија, пак, Македонија ги доби сите три досегашни средби.

Ждрепката во Париз во групата Ц1 ги смести Шведска, Азербејџан, Словачка и Естонија, групата Ц2 ја сочинуваат Романија, Косово, Кипар и Литванија/Гибралтар, а во групата Ц3 ќе играат Луксембург, Бугарија, Северна Ирска и Белорусија.

Четвртото издание на Лигата на нациите ќе стартува со две кола меѓу 5 и 10 септември годинава, вториот турнус е меѓу 10 и 15 октомври и третиот меѓу 14 и 19 ноември. Победниците на четирите групи ќе обезбедат пласман во дивизијата Б, а второпласираните на 20 и 23 март 2025 година ќе разигруваат со третопласираните од дивизијата Б исто така за промоција во повисокиот ранг.

Македонија токму преку Лигата на нациите го избори своето единствено учество на големите натпреварувања – Европското првенство 2021.