Надал заплакал поради Меси

Еден од најголемите тенисери на денешницата и на сите времиња Рафаел Надал во интервју за шпанскиот весник „Ас“ призна дека го совладале емоциите кога најдобриот фудбалер на мундијалот во Катар, Лионел Меси, го постигна третиот гол за Аргентина во финалето со Франција.

„Сакав да видам добар натпревар, бидејќи Шпанија, за жал, беше елиминирана во осминафиналето. Финалето беше спектакуларно. Жал ми е за многу колеги Французи, Париз и Франција ми значат многу. Но, имам и многу аргентински пријатели. И, како љубител на спортот, ме израдува фактот што Меси го освои Светското првенство. Некој така, на врвот на кариерата, да ја освои титулата што му недостигаше, на тоа ниво, со сè што значи тоа за Аргентина, мислам дека беше фер. Уживав и прилично ме трогна сето тоа. Без да навивам за Аргентина, кога Меси го постигна третиот гол, ми дојдоа солзи. Поради емоциите што некој толку голем успеа да го освои она што му недостигаше, но и тоа што дотогаш претрпе многу. Уживав во финалето, особено од 70. минута до крајот, беше спектакуларно“, изјави Надал.