Личното обезбедување што МВР по препорака на Агенцијата за национална безбедност го доби екс министерот за здравство Венко Филипче според експерти за лично обезбедување може да чини и над стотина илјади евра за период од 180 дена.

Овие суми според експертите кои инсистираат на анонимност поради страв од одмазда, се аплицираат ако за него нема специјални дополнителни мерки кои чинат уште повеќе.

Според основните протоколи за лично обезбедување во заштитата на Филипче треба да учествуваат најмалку 4 а може да бидат и до 20 луѓе.

Бруто плата на еден вработен во МВР од службата за лично обезбедување на функционери со се дополнителните трошоци е околу 1000 евра бруто месечно без трошоци за техничките средства и возила.

Ако во текот на 24 часа тројца агенти на МВР се менуваат на смена за чување на Филипче а еден одмара тоа значи дека само за неговото обезбедување ќе бидат потрошени ресурси кои чинат над 20 илјади евра само за агентите.

Доколку во секоја смена има по двајца луѓе тогаш и сумата за основното обезбедување се удвојува.

Во оваа сума не влегува трошокот за службените возила на МВР кои ќе се користат за придружба и транспорт на Филипче.

Значителни дополнителни трошоци ќе се направат при обезбедување на семејството на Филипче што е логично затоа што ако има опасност по екс министерот има и за неговите најблиски.

Според протоколите за заштита на функционери посебна екипа од МВР се грижи за обезбедување на сопругите/партнери на лицата за кои АНБ има проценка дека можат да бидат во опасност а посебни екипи од агенти на МВР ги штитат децата на обезбедуваните.

МВР повикувајќи се на тајност на процедурата засега не дава прецизни информации дали посебни екипи на МВР ќе ги обезбедуваат синот на Филипче и негова партнерка.

Доколку во обезбедувањето се вклучени три посебни екипи со три возила за сите членови на семејството на Филипче трошоците на МВР кои ќе ги плаќаат граѓаните можат да дојдат и далеку над 100 илјади евра за 6 месеци.

По направена безбедносна проценка, на доскорешниот министер за здравство, Венко Филипче, му е продолжено личното обезбедување за уште шест месеци, иако повеќе не е на функција.

Дел од медиумите објавија дека поранешниот министер за здравство имал закани по живот но Филипче ги демантира информациите за наводни смртни закани, кои проструија во јавноста.

Вели дека „не е вистина дека имал закани по живот, ниту пак дека барал обезбедување и возач.

Обезбедувањето му е продолжено како што вели тој според проценка на Агенцијата за национална безбедност.

Зошто АНБ смета дека Филипче е под закана засега останува мистерија.