„Дрога? Не, благодарам“. Малку видоизменето, ова мото на една од кампањите на претходната власт може да се искористи како одговор на непристојниот предлог од сегашната владеачка номенклатура за национално помирување.

Зошто е непристоен предлогот на Зоран Заев? Прво и основно, затоа што со него премиерот грчевито се обидува да го дефокусира одиумот во македонската јавност по срамната парламентарна сеанса минатиот петок. Нагонот за повраќање од невешто одглуменото просветлување на осумтемина опозициски пратеници, кои „неприсилени од никого“ помогнаа да се отвори Уставот за амандмански интервенции, е само инстиктивниот дел од реакцијата на најголемиот дел од свидетелите на (нај)мизерната епизода од поновата македонска историја.

Национално помирување, а? Мора да се шегувате. За една толку благородна идеја, омилена на сите македонски влади досега, треба да се има беспрекорен морален авторитет за воопшто да се спомне, а камоли да се повика и политичкиот противник да застане зад неа. Во услови на максимална поларизација на општеството, почнувајќи од „бомбите“ и од „шарената револуција“, заклучно со овие речиси една и пол година владеење на коалицијата „Сите против ВМРО“, двата спротивставени табора повеќе не ги дели јаз, ами провалија.

За какво помирување може да стане збор кога тој што повикува на тоа упорно си тера по свое, останувајќи глув за различниот став, па дури и обвинувајќи ги неговите интерпретатори за антиевроатлантизам? Како Заев и неговите најблиски соработници го замислуваат помирувањето со, на пример, октроирањето на Талат Џафери во собраниски спикер со прекршување на сите можни и неможни процедури, уставни, законски и деловнички одредби? Или со насилничкото „изгласување“ на Законот за употреба на јазиците, како прва точка од Тиранска платформа, против која илјадници граѓани неколку месеци секојдневно маршираа низ триесетина македонски градови? Прашаа ли некого помирителиве кога го потпишуваа договорот од Преспа за менување на личниот опис на Македонија и на македонскиот народ? Конечно, може ли да има помирување со некој што ја игнорира кристално јасната волја на народот со бојкотот на референдумот и нејзиното погазување од двотретинското мнозинство во законодавниот дом, обезбедено на крајно сомнителен начин? Згора, на чело со дезертерот од две војски, кој зеде пушка и партизан замина во 2001 година за да се бори против оваа земја, ќе се помируваме?

Џабе везете, „господа“, за национално помирување, кога зборот ви држи колку ланскиот снег. Колку и да се пенавите дека сте искрени во намерите, стотици спротивни постапки во згуснат временски период директно ве демантираат.

Нема и не може да има помирување меѓу силеџии и нивните жртви. Освен ако првите не им се извинат на вторите и не одговараат за болката што им ја нанеле.

За непроспиените ноќи, за мамурните утра и за деновите поминати со грутка во душата, со јад и чемер, за раздорот во семејствата и меѓу пријателите кога ќе се прозбори на оваа тема и за искршените далечински ТВ-управувачи од нервоза, прво „че си лежите“, а дури потоа „че праиме муабет“ за помирување. Тоа е ставот на мнозинството македонски граѓани, кој некој може колку сака да ја забива главата во песок, правејќи се дека не го гледа, но тој е присутен и нема да исчезне туку-така, а најмалку со празни зборови.

Концептот на национално помирување подразбира еден вид катарза. По својата природа е возвишен, базиран на добра намера за општото добро, на потребата од сплотување во тешки времиња за заедницата. Но, за да биде вистински и делотворен, тој мора да се роди одвнатре, од базата, од народот, а да го спроведе во дело негов претставник во кој тој има доверба, го цени и го почитува како морална вертикала во која се угледува и од која црпи инспирација.

Додека не се појави таков, што би рекле „шарените“, нема правда – нема мир.