Во недостиг на аргументи во дебатата со противниците на договорот Заев-Ципрас, мегафоните на власта со неподнослива леснотија почнаа масовна операција за лепење на етикетата „националист“ секому што ќе се охрабри јавно да им се спротивстави. Толку се соживеаја со таквата самозададена улога што малку им беа Македонците по род, па удрија по – Хрвати и Американци?! Осилото на бранителите на неодбранливото на своја кожа го почувствуваа хрватската европратеничка Маријана Петир и донеодамнешниот почесен конзул на Македонија во американскиот град Тусон, Џејсон Мико. Нивната вина е во тоа што не престануваат да се залагаат за правото на Македонија и на Македонците да се самоидентификуваат како што тие сакаат, а не како што му одговара на друг, па нека се тоа и јужниот сосед и најмоќните држави во светот.
Нарекувајќи ги националисти опонентите на договорот што си го туркаат со прекршување на мал милион собраниски, законски и уставни одредби, како и без амин од опозицијата и од претседателот на државата, божемните душегрижници за доброто на нацијата не се ни свесни каква чест им прават. Како што своевремено ќе забележи и академик Гане Тодоровски, националист е синоним за патриот, па за него нема поголем комплимент од тоа да го нарекуваат македонски националист, односно патриот. Големиот македонски поет, преведувач, професор, есеист, книжевен критичар, историчар и публицист под поимот националист подразбираше безусловна љубов кон својата (македонска) нација, без никакви претензии, а камоли навреда на друг етнос. Во едно интервју непосредно по осамостојувањето на македонската република од Југославија некогашниот претседател на Друштво на писатели на Македонија јасно ќе го разграничи национализмот од шовинизмот (омаловажување и непријателство кон другиот/инаквиот) и иредентизмот (посегање по територија на која живее сопствено малцинство и настојување таа да се припои кон матицата). За магот на пишаниот збор Македонија беше пред сè и над сè.
Токму тоа не можат или не сакаат да го разберат седнатите во удобните фотелји платени од народот, истиот тој на кој му ветуваа 500 евра просечна плата, за во истиот момент кога ја програбија власта да фрлат сè на преименување на неговата татковина. Не можат да сфатат дека има луѓе што не се подготвени да станат „северњаци“ за да влезат во некакви сојузи и унии, без оглед на тоа колку убаво и примамливо звучи таа идеја. Едноставно, не им влегува в глава дека некому може да му биде поважен националниот идентитет од седнувањето на иста маса со тие што за возврат бараат бришење на сè македонско во Уставот и потоа на сите нивоа во сопствената држава. Ним не им се докажува дека противниците на тоа што си го договорија Заев и Димитров со Ципрас и Коѕијас без да прашаат никого од научната фела до обичниот народ не очекуваат ништо како компензација за сопственото спротивставување. Дека доволно им е Македонија да се вика така, а тие да си останат Македонци.
Е тоа не е и не може да биде национализам во намерно искривоколчената интерпретација на тој термин од тие на кои патриотизмот не им се вклопува во лажниот космополитизам, во кој некои се поеднакви од другите. Тоа може да биде само национализам во најчистата патриотска смисла на зборот. Љубов кон родната грутка, кон природните убавини што несебично ни ги дарил Создателот, кон роднините, соседите, пријателите, кон сите што битисуваат под сонцето македонско. Ништо повеќе и ништо помалку од тоа.