Кога постојат избори вклучувајќи ги и овие, тоа говори и за изборот на јавниот обвинител, но и за тие кои го избрале јавниот обвинител, рече денеска министерот за правда Никола Тупанчевски, одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ во однос на изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

– Ќе бидам брутално искрен и ќе кажам дека не е неважно за министерот за правда што се случува во неговиот дом. Практично во рамките ако се земе формата влегуваат и судството и обвинителството, нотарите извршителите итн. – посочи Тупанчевски.

Тој посочи дека во поновата правна историја на нашата држава сме имале три модели за избор на обвинители и на судии.

– Во првиот модел ги избираше Собранието, вториот модел требаше да биде прогресивен или напреден, при што ги избираа Советот на јавни обвинители и Судскиот совет. Трето или по најновиот модел кој е предвиден со новиот Закон за јавно обвинителство од 2020 година кој беше консензуално усвоен од Собранието на нашата држава. Јас бев дел од подготовката на тој Закон, имаше и невладини организации и сметавме дека овие два претходни модела имаат одредена потреба за корекција или објективизирање на критериумите за избор на јавни обвинители и судии и во таа насока се движевме да инкорпорираме модел кој би бил транспарентен, објективен. И во таа насока беше предвиден овој концепт, односно јавните обвинители да го бираат јавниот обвинител – појасни Тупанчевски.

Тој рече дека дотука може да коментира, бидејќи сѐ понатаму ќе значи мешање во работата на институциите кои треба да бидат независни, објективни и огледало на државата.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски најави пауза, а седницата со пратенички прашања ќе продолжи со работа во 15 часот.
Неодамна, на непосредни избори јавните обвинители го избраа Ислам Абази за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Овој избор предизвика лавина негативни реакции во јавноста и меѓу правниците.