На “специјалната” нема кој да и проговори

Два дена специјалната обвинителка Катица Јанев е во своевидна изолација на работното место.

Извори во СЈО тврдат дека Јанева е под тивок бојкот на најголем дел од вработените во оваа институција.

Со неа комуницираат само неколку луѓе кои што важат за нејзини блиски а најголем дел од вработените имаат никаква или само неизбежна службена комуникација.

Нејзините соработници кои до пред десетина дена се колнеа во неа сега ја избегнуваат и не сакаат да се сретнат со неа.

По враќањето од боледување имала само една средба со тимот на која што ги информирала обвинителите дека не е виновна за ништо но средбата минала во траорна и мачна атмосфера.

Дел од обвинителите сега имаат дилема дали на Јанева може да и се доставуваат сензитивни информации за случаите на кои се работи затоа што сите очекуваат дека Јанева наскоро ќе биде дел од формален судски процес за случајот Рекет со Боки 13.

Вработените се плашат дека ако соработуваат со неа а таа стане осомничена во случајот како што јавно тврди еден адвокат тогаш тие би биле соучесници на лице под истрага.

Од друга страна според законот Јанева има право за пристап до сите случаи дури и за “Империја” за кој се води истрага во ОЈО.

Откако вчера Мицкоски на Сител јавно ги посочи, денеска во особено тешка ситуацијиа се внукот и идната снаа на Јанева како и неколку други роднини на влијателни фактори во правосудството.

И тие се соочуваат со бојкот на вработените кои не сакаат на себе да ја прифатат одговорноста на нивната шефица за кадровските решенија каде што има очигледен непотизам.

Дел од вработените го поставувале и прашањето за сопствената одговорност и нивниот молк кога Јанева носела нелогични и правно спорни одлуки.

Кај некои од нив постои страв дека ако Јанева биде обвинета и тие можат да бидат гонети за непостапување и непријавување на кривично дело во вршење.

Дел од нив признаваат дека обвинителите морале да реагираат во спорни решенија на Јанева. Некои пред вработените тврделе дека реагирале но во архивата на СЈО нема формални забелешки за одлуките на Јанева што многумина од обвинителите ги става во тешка ситуација.