Истражувањето претставува процес на системско собирање на податоци со јасно одредена цел. Најчесто кога се избира тема за истражување се разгледува пошироката област од темата која нè интересира. Од суштинско значење е дизајнот на прашалникот, кој треба да вклучи прецизни, концизни и соодветни прашања кои нема да бидат збунувачки за испитаникот, а притоа од нив да можат да се добијат јасни одговори кои ќе ја исполнат целта на истражувањето.
При креирање на прашалник од голема важност е прашањата да имаат доза на емпатија, човечност и на некој начин да развијат љубопитност кај испитаникот.
Како до добар прашалник?
o Целта на прашалникот треба да биде јасна. Доколку целта е збунувачка и нејасна, голема е веројатноста да не поставиме прашања на кои ќе добиеме корисни одговори.
o Добар избор на прашања. Поставените прашања треба точно и прецизно да овозможат мерење односно осознавање на мислењата, искуствата и однесувањето на испитаниците. Дополнително, прашањата мора да се поставени на начин којшто овозможува лица со соодветен демографски профил да ги разберат. Погледнете ги социјалните и економските фактори за да бидете сигурни дека на прашањата може јасно да се одговори. Терминологијата што се користи е многу важна при креирање на прашања, доколку се користи жаргон кој испитаниците не го разбираат, пр. „дали знаете кои компании користат вештачка интелигенција?“ потребно е да објасните што е вештачка интелигенција (без разлика дали мислите дека тоа е нешто што го знаат).
При формулирање на прашањата треба да се внимава на „пристрасноста кон општоприфатените ставови“ или на природната тенденција и желба на луѓето да бидат прифатени и сакани, што може да ги наведе да дадат неискрени одговори на прашања кои се однесуваат на чувствителни теми. (пр. може да го пренагласат посетувањето на црква, учеството во добротворни акции, веројатноста дека ќе гласаат на следни избори и сл.)
o Соодветна структура и должина на прашалникот. Структурата на прашалникот треба да одговара на целта на истражувањето. Дали прашалникот ќе биде со затворени – структуриран, со отворени прашања – не структуриран прашалник, или пак комбинација од нив – полуструктуриран прашалник, зависи од тоа што сакаме да дознаеме. Исто така, битно е да се има соодветен број на прашања (да не биде ниту предолг, ниту прекраток прашалникот). Искуството покажува дека без оглед на тоа која методологија се користи, кога испитаниците се соочуваат со долг прашалник губат концентрација, па не ги осмислуваат своите одговори и почнуваат да прифаќаат било кој од понудените одговори со цел што побрзо да завршат. Затоа е потребно прашалниците да бидат доволно долги да одговорат на истражувачкото прашање, но и соодветно кратки за да го задржат вниманието на испитаниците до крај на анкетата. Од пракса многу често клиентите со еден прашалник сакаат да осознаат многу работи/аспекти што дополнително го отежнува прашалникот, па од тој аспект статистички најдобро е да се реализираат две или повеќе засебни истражувања кои точно ќе одговорат на целта.
o Дизајн на прашалникот. Елементи на прашалникот, како лента за прогрес (прогрес бар), копчиња „напред“ и „назад“, опција за бришење на текст, за јасно обележување на понудените одговори, го олеснуваат одговарањето на прашањата па често влијаат и врз бројот на испитаници кои до крај го пополниле прашалникот.
Чест проблем при формулација на прашањата е двосмисленоста. Многу е важно прашањето да биде формулирано правилно, за сите испитаници да го толкуваат односно разберат на ист начин. Во пракса има многу примери кадешто мали разлики во формулацијата на прашањата може значително да влијаат на одговорите коишто ги даваат луѓето. Таков пример е истражувањето на Pew Research Center од САД, тие експериментирале со формулацијата на прашањата, па во една анкета, половина од испитаниците биле прашани „дали во нивното место на живеење има добри работни места?“ а на другата половина им било поставено истото прашање без зборот добри. Експериментот покажал дека испитаниците почесто споделувале дека има многу „работни места“ во нивната заедница отколку што споделувале дека има многу „добри работни места“ (60% наспроти 48%).
Во друго истражување пак, била разгледувана важноста на одредени зборови коишто може да се сметаат за пристрасни или потенцијално навредливи за некои испитаници, но и емотивната реакција што некои зборови може да ја предизвикаат. На пример: 51% од испитаниците споделиле дека се ЗА „да биде законски докторите да им даваат средства за крај на животите на неизлечливите пациентите“, но само 44% рекле дека се ЗА „да биде законски докторите да им помогнат на смртно болните пациенти да извршат самоубиство“. Иако и двете верзии на прашањето ја прашуваат иста работа, реакцијата на испитаниците била различна.
Во друго истражување имало значајна разлика во реакцијата на испитаниците при користење на изразот „социјална помош“ наспроти изразот „помош за сиромашните“. Неколку експерименти покажале дека постои многу поголема јавна поддршка за изразот „помош за сиромашните“ отколку за изразот „социјална помош“ на оние на коишто им е потребна.
При формулирање на прашања треба да се избегнуваат двојни прашања (на пр., дали сте за или сте против легализација на марихуана, со понудени одговори „ДА“ или „НЕ“) или користење на кратенки или жаргон (на пр., ЦУК наместо Центар за управување со кризи, AI наместо вештачка интелигенција и сл.). Ваквите примери може да ги збунат испитаниците, па добиените одговори да бидат неточни или нецелосни.
Покрај формулацијата на прашањата, многу е важно како се опишани можните опции за одговор. Доколку прашањето е отворено односно без понудени одговори, важно е на испитаниците да им биде јасно каков тип на одговор се очекува од нив (пр. месец, број на денови, да опишат нешто и сл.). Кога се поставуваат прашања од затворен тип, важно е да се вклучат опции за одговор кои се разумни, исцрпни и кои меѓусебно не се преклопуваат. Затворените прашања со кои инсистираме на избор на еден или повеќе од понудените одговори, имаат тенденција да даваат попрецизни одговори, особено за чувствителни прашања.
Постојат повеќе алатки и техники коишто се користат за да се открие што мислат луѓето што чувствуваат и како дејствуваат, но чинот на прашување е сѐ уште централен и најважен, кога треба да откриеме што експлицитно мислат луѓето. Со причина прашалниците се најчесто користената алатка за истражување.
Затоа, кога креирате истражувачки прашалник, одвојте доволно време за дефинирање на прашањата, внимавајте на формулацијата, формата и текот на прашањата, тестирајте го и коригирајте го прашалникот пред истиот да се најде кај вашите испитаници.
Јована Затаракоска – Маркет Висион Скопје