Нема политичка и економска логика Бугарија и Романија да бидат надвор од Шенген, изјавил претседателот Румен Радев на средбата со неговиот хрватски колега Зоран Милановиќ, пренесуваат медиуми.

Според бугарскиот претседател, Софија ги исполнила сите критериуми уште во 2011 година, а моменталните политички аргументи против бугарското членство ја поткопуваат самата правна основа на ЕУ, смета тој.

Според него, на секоја седница на Советот се поставува истото прашање – врз основа на кои пишани критериуми Бугарија и Романија се надвор од Шенген.

Радев посочи дека ова е загуба за Европа и ЕУ во време кога се разговара за воената мобилност и безбедност, економската криза и инфлацијата во Европа.

Хрватскиот претседател му даде поддршка:

Милановиќ рече дека неговата земја и дава целосна поддршка на Бугарија, како и на Романија, кои чекаат 12 години. Според неговите зборови, овие 12 години се тешко лицемерие и неправда. Тој нагласи дека две земји, од кои едната е Австрија, се против членството на Бугарија и дека одделните интереси и пазарењата во ЕУ се објаснуваат како голема филозофија…

„Во моментот кога Бугарија и Романија ќе станат членки на Шенген, транспортните врски од Централна Европа до Солун ќе станат побрзи и наместо во Северна Европа, во нашиот регион ќе патуваат контејнерски бродови“, додаде Милановиќ.

Румен Радев изјави дека целта на Бугарија за влез во Шенген останува месец октомври.