„Добар ден градоначалничке, тука е Александар од Инфомакс, кога би можеле да се видиме, би сакал да поразговараме околу состојбите во градот и вашите идни планови?“ – вака започна мојата комуникација со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, за која досега немав стекнато никаков посебен впечаток, освен дека се работи за жена борец, човек кој не се задоволува да биде следбеник туку лидер.

Не се излажав во мојата проценка.

„Александар, презафатена сум во моментов, може ли да оставиме за утре во 17.00 часот“, беше одговорот на Арсовска на мојата порака. Прифатив, мислејќи дека обврската да разговара со новинар ја остава последна на крајот на денот, така и се подготвував. Неколку блиц прашања, чии одговори највеќе ја интересираат јавноста.

Некаде околу 16.50 пристигнав во просториите на градот Скопје, надлежните веќе знаеа дека доаѓам, и веднаш ме упатија кон кабинетот на градоначалничката. Ја начекав во купишта хартии, и неколку од нејзините најблиски соработници. Ме остави да почекам некоја минута, додека ги распределуваше работните задачи.

Велам, „машала се работи и после работно време“, мислејќи дека налетав на несекојдневна ситуација, на ден пред седницата на Советот на град Скопје на која треба да се носи годишниот буџет на градот.

Вели, „Александар, ова е секојдневна ситуација откако сум јас тука“. На излегување, нејзините соработници, потврдно, промрмореа – демек тоа е тоа.

Искрено не очекував да налетам на таква ситуација, особено не, по секојдневниот наратив на владејачката СДСМ и неколку нивни сателит „медиуми“ кој не пропуштаат шанса да кажат дека Данела Арсовска „не ја бивало“ или била „неспособна“. Напротив.

Седнавме да разговараме, велам, јас ќе ви поставувам прашања и ќе земам забелешки – пукај, вели.

Нормално, првото прашање – проекти, навистина ли се уште немате спроведено ниту еден проект како што тврди владејачката СДСМ?

– Александар, сите овие хартии што ги гледаш околу мене се проекти. Овие проекти влегуваат во буџетот за идната година. Градот во овој момент е презадолжен за спроведување на било каков нов проект, благодарение на претходната администрација. Сепак, не се согласувам со тврдењата на владејачката партија, во овие 50 дена исчистивме 120 диви депонии, воведовме 24-часовна градска администрација, бесплатен јавен превоз за пензионерите, започнавме со изградба на пристапни рампи до сите градски институции и јавни претпријатија.

На што е направен долгот?

– Оној друг куп хартии, на другата страна на масата, е документација која ја чешламе. Таму се сите јавни набавки на претходната администрација. Нема ништо да тврдам засега, но, ќе ти кажам само дека Петре Шилегов на тендер доделил 30.000 евра за кафани. И тоа, не за една туку за три кафани. Тоа ви кажува на што се трошеле парите претходно. Непродуктивни трошења за лични хирови. Кажи ми, чини ли онаа веб-страница на градот Скопје 65.000 евра? За се ова ќе има ревизија.

Како тоа, 30.000 евра на кафани, ќе ги раскинете тие договори се надевам?

– Не, нема да ги раскинам договорите, но тие пари и тие кафани отсега ќе работат за граѓаните. Од почетокот на идната година, овие пари ќе се трошат за граѓаните – планираме за тие 30.000 евра трите кафеани секоја недела барем три пати во неделата да подготвуваат оброци за нашите најсиромашни граѓани. Наскоро ќе го најавиме тој проект, и ќе ги повикаме и оние кои се заинтересирани да се вклучат во оваа акција.

За прашањата за загадувањето и други теми Арсовска разговара со Александар Митовски.