На постојка се запали автобус на ЈСП од постаро производство

Градски автобус на ЈСП-Скопје што сообраќа на линијата „24“ претпладнево се запалил на постојка во Кисела Вода. По интервенција на Територијалната противпожарна единица на Градот Скопје е изгаснат. Во пожарот нема повредени патници.

Командирот на Територијалната противпожарна единица на Градот Скопје, Звонко Томевски изјави дека се работело за помала интервенција и оти бил опожарен дел од моторот на автобусот.

Интервенирано е со три возила и осум пожарникари. Пожарот настанал од инсталацијата. Возачот интервенирал за да го изгасне пожарот, но повикал и екипи од Противпожарната служба.

Автобусот бил од постаро производство од марката „МАН“, дел од возниот парк на ЈСП.