Додека министерот Бујар Османи се жали дека за организирање на настан како претседавач со ОБСЕ му фалат 70 возила Антикорупциската комисија открива дека МНР кое во води Османи дало 17 службени возила за партиски цели за време на избори.

Според поделбата на моќта во МНР овие возила најверојатно се возени за потребите на ДУИ и СДСМ на локалните избори.


Наспроти тврдењето на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека не постои извештај од извршената ревизија на регуларност на искажаните трошоци за службените возила во текот на предизборието 2021 година во неговиот ресор, Антикорупциската комисија со објавувањето на фотографија од насловната страница на извештајот, како и на резимето на неговата содржина, останува на ставот таму имало злоупотреби на службените возила за партиски цели.

Сега, на потег е вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, која треба да го разгледа случајот и доколку утврди дека имало прекршување на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и на другите од неа избрани и именувани функционери, за тоа да го извести премиерот.

Откако Антикорупциската комисија, повикувајќи се на извештај од внатрешна ревизија во МНР, констатирала дека во предизборниот период во ресорот имало 15 нивни возила и две позајмени од Агенцијата за разузнавање, но за нив не се водела никаква евиденција и не можело да се докаже колку гориво потрошиле, министерот Османи категорички ги негираше и постоењето на извештајот и тврдењето на Комисијата дека тој лично во текот на работното време, со службено возило, извршувал партиски активности.

– Во нашиот случај, во МНР, нема таков извештај како што беше коментирано во јавноста, во којшто некој внатрешен ревизор констатира. Напротив, внатрешниот ревизор вели дека во споредба со минатото има ред. Нема таков извештај, веројатно е погрешна интерпретација – изјави Османи.

Осамни одговори и на тврдењето дека, во предизборието, тој патувал и се занимавал со партиски активности во работното време.

– Јас сум, за време на кампања, во работно време бил на партиска прес-конференција? Значи, политичар во работното време бил на партиска прес-конференција… Мојот одговор е дека и јас имам право на пауза како што има секој граѓанин. Можеби таа пауза сум ја искористил – рече Османи.

Токму овие одговори на Османи изнесени во интервјуто за Алсат, беа повод Државната комисија за спречување на корупцијата, јавно да го демантира и да го докаже постоењето на извештајот.

– Државната комисија за спречување на корупцијата, своите наводи ги темели на издадениот Конечен Извештај од извршената ревизија на регуларност на искажаните трошоци за службените возила во Министерството за надворешни работи од 01.08 до 31.10.2021 година (во изборен процес), со број 58-13627/22-1 од 29.04.2022 година, доставен до ДКСК на ден 03.05.2022 година – соопштија од Комисијата.

Оттаму, повикувајќи се на извршното резиме за сосотјбите наведени во извештајот, доставено и до министерот, остануваат на укажувањето дека во Министерството за надворешни работи нема определено надлежно лице за водење евиденција на возилата и опремата и нивно сервисирање, регистрирање и осигурување; не се води евиденција кое лице управува со кое службено возило, ниту се прават патни налози со внесување податоци за поминати километри; одредени корисници на службени возила немаат обезбедено и доставени уредни и веродостојни сметководствени документи до сектор за финансиски прашања и не е воспоставен систем за контрола на користењето и потрошувачката на гориво на службените возила.

– Ова е во спротивност на тврдењето на министерот дека нема таков извештај од „некој“ внатрешен ревизор и дека ДКСК погрешно ги интерпретира наводите – соопштија од ДКСК.

На ваквиот став на Комисијата му претходеше расправаа на седницата на која нејзините членови проследиле и снимка од локалните избори во 2001 година, на која се гледало како министрите за надворешни работи Бујар Османи и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, користат службени возила за партиски цели.

Од Антикорупциска уште тогаш кажаа дека ќе побараат вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска да покрене иницијатива за утврдување одговорност на Османи.

Од кабинетот на Грковска, на прашањето што ќе се преземе во однос на Османи и Нуредини одговориле дека предметот ќе биде разгледан и ќе се постапи во согласност со надлежностите од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и другите функционери избрани и именувани од страна на Владата.
А според членот 19 од Кодексот, носителите на извршни функции при патувањата организирани за приватни или партиски цели не смеат да се покриваат со државни средства, ниту пак да се користат привилегиите кои произлегуваат од овластувањата и должностите, дипломатска патна исправа, обезбедување и службен возач или возило, за приватни или партиски цели, освен кога истиот не подлежи на специјални мерки на безбедност.

Доколку се утврди прекршување на Кодексот, претседателот на Владата може да одлучи да примени некоја од предвидените мерки кои се движат во распон од укажување на прекршувањето, преку барање оставка или разрешување, до покренување на иницијатива за информирање на надлежни институции, најдоцна во рок од еден месец.