Голманот на фудбалската репрезентација на Косово, Самир Ујкани, на вулгарен начин одговори на транспарентот и на скандирањето „Косово е Србија“ од романските навивачи на синоќешниот натпревар во Букурешт од квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија.
Ујкани, кој пред да застане на косовскиот гол ја бранеше мрежата на Албанија, на излегување од теренот со цинична насмевка се фати за меѓуножјето пред домашните „ултраси“.
Мечот на Националната арена на која Македонија пред две години дебитираше на ЕП и воопшто на големите натпреварувања беше во прекин 45 минути по протестите на гостите, а заврши со победа на Романците од 2:0.