Споменикот на Александар Македонски во Прилеп вчера доби табла дека припаѓа на Хеленската култура согласно Преспанскиот договор, но најавата за тоа предизвика реакции кај граѓаните, јави порталот „Маркукуле“

Преку социјалните мрежи до актуелниот градоначалник Илија Јованоски му беше испратена и следната порака:

“Градоначалниче бараме од тебе лично да ја заштрафиш таблата на споменикот на Александар Македонски во центарот на Прилеп на која пишува дека Александар бил Грк и од нас имаш 10.000 ЕВРА за таа креативност! Тоа ли го ветуваше градоначалниче кога одеше од куќа во куќа за време на изборот?”, пишува во пораката упатена до Јованоски.

Прилеп, во 2006-тата година, беше првиот град во земјава каде беше поставен споменик на големиот македонски војсководец Александар Македонски.

Споменикот е донација од американскиот бизнисмен со прилепско потекло, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, а изработен од познатиот скулптор, исто така од Прилеп, Жарко Башески.