На „Ѓуешево“ уапсен 72-годишен македонски државјанин со 6,2 кг марихуана

Државјанин на Република Македонија е приведен на граничниот премин „Ѓуешево“ на бугарскиот дел од границата со Македонија поради обид за шверц на 6,2 килограми марихуана.

На 6 јануари службеници од Одделението за борба против трговија со дрога при царинската испостава на ГП „Ѓуешево“ запреле на темелен преглед автобус што сообраќал на редовната линија Скопје – Истанбул и во личниот багаж на еден од патниците била пронајдена зелена тревна маса налик на цветови од марихуана. Тие биле поделени во шест проѕирни пакувања скриени во куфери и во торба за пазарење, а некои од нив биле ставени во кутии со божиќни подароци.

На теренски тест за дрога супстанцијата била позитивна на канабис. Вкупната количина на запленетата високоризична наркотична материја изнесува 6,235 килограми.

Со уредба на обвинител, а во својство на обвинет за кривично дело сторено од чл. 242 од Кривичниот законик, приведен е 72-годишен македонски државјанин со иницијали К.К.